НЕМА ПОЕВРОПСКИ РЕГИОН ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, АВСТРИСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ШАЛЕНБЕРГ: ИМАМЕ ВИСОКИ ОЧЕКУВАЊА ОД СЛОВЕНЕЧКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО КОН СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА

0
809

Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг во интервју рече дека на последните состаноци на ЕУ имало растечка фрустрација од фактот дека не може да се напредува кон отворање на преговори со Албанија и со Северна Македонија.

“Зборувам во име на Австрија, сакаме да почнеме пристапни разговори со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека веќе се доцни, тоа требаше досега да го направиме и постојано работиме на ова прашање. Како што секогаш велам, овде не станува збор за европски заден двор како што некои го гледаат, туку за европски трем. Овој регион е опкружен од земји членки на ЕУ, нема регион што е поевропски од Западен Балкан, а ние Австријците имаме многу тесни врски, емотивни, човечки, економски, политички и оттука би било најприродно да ве имаме вас како партнери и полноправни членки на ЕУ” – рече Шаленберг.

Тој искажа надеж дека словенечкото претседателство со засилени напори ќе овозможи надминување на пречките со бугарското вето.

“Свесни сме за прашањата и знам дека португалското претседателство напорно работеше за тие прашања и имам високи очекување од словенечкото претседателство дека ќе продолжи со напорите и, повторно, би кажал дека за овој регион има само една перспектива – европска. Ова го велам зашто е европски регион, а и за самата Европа и за нејзиниот интерес – наш интерес е Западен Балкан да биде полноправен член на ЕУ” – истакна министерот Шаленберг.

Тој смета дека е надминато времето на замореност од проширувањето на ЕУ и дека треба тоа да се засили кон земјите од Западен Балкан затоа што природно припаѓаат во Европа.

“Имаше време кога постоеше чувство на замореност од проширување, одредени престолнини се двоумеа, но верувам дека плимата се менува. Мојот поглед е, а имам чувство дека тоа го прават се повеќе членки, дека во политиката нема вакуум и ако ние Европејците, како ЕУ го свртиме грбот, тогаш други ќе влетаат, дали Кина, дали Русија или Турција. А ова е европски регион, тоа не е наш интерес и оттука, во геополитичка смисла, станува збор за тоа дали нашиот начин на живот или начинот на живот на некој друг ќе се наметне тука. Верувам дека ова е размислување за кое има се’ поголем интерес во ЕУ и на последните состаноци на ЕУ, во Советот имаше растечка фрустрација од фактот дека не може да се напредува кон отворање на преговори со Албанија и со Северна Македонија зашто искрено кажано, вие направивте се’ што требаше и тоа го заслужувате” – потенцираше Шаленберг.