ГОРДИ СМЕ ШТО ЈА ИМАМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА СОЈУЗНИК ВО НАТО, СТУДЕН ТУШ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ЗАМЕНИК-СЕКРЕТАР РИКЕР ЗА ВМРО-ДПМНЕ: ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е ЗАВРШЕНА РАБОТА, ДОЛЖНИ СТЕ ДА ГО ПОЧИТУВАТЕ И ПРИМЕНУВАТЕ

0
1050

Американскиот заменик-секретар Филип Рикер беше дел од Преспа форумот за дијалог и искористи прилика да ја истакне поддршката за Северна Македонија како нова членка на НАТО и оптимистички да ја охрабри за почеток на преговорите со ЕУ.

“Ние сме многу горди што ја имаме Северна Македонија како сојузник и мислам дека тоа симболизира колку всушност напреднала земјата во овој период. Има уште многу да се направи. Луѓето се охрабрени, сакаат да видат дополнителни реформи и развој. И ние, САД, заедно со толку многу европски партнери, сме со вас” – рече Рикер.

Рикер смета дека Преспанскиот договор беше неопходен за зајакнување на евроатлантските перспективи и за Северна Македонија и за целиот Западен Балкан.

“Договорот од Преспа беше исклучително постигнување. Вистински пример за храбра, прагматична дипломатија што ја отстрани една од најголемите пречки на патот на евроатлантската интеграција. Северна Македонија е на пат да ги почне преговорите за членство со ЕУ и сигурен сум дека тоа ќе се случи. Ние јасно и ги ставивме до знаење нашите гледишта на бугарската влада, нешто што го направија и многу членки на ЕУ, дека овој процес треба да напредува. Доаѓам од Албанија каде исто така, чекаат да го направат следниот чекор. Ние сме уверени дека тоа ќе се случи. Дипломатијата може да направи голема разлика, да им помогне на земјите да најдат начин да ги решат проблемите и да продолжат напред. Со Преспа, гледате што значеше тоа во смисла на односите со Грција и, пошироко на односите во регионот” – истакна тој.

Заменик-секретарот Рикер испрати кристално јасна порака и до ВМРО-ДПМНЕ и другите кочничари на евроинтегративните процеси на Балканот. Посочи дека значително подобрените политички и економски односи на Северна Македонија и Грција не смеат да се поткопуваат со деструктивни изјави и активности.

“Договорот од Преспа е завршена работа и ние овде, многумина од меѓународната заедница, дојдовме во Охрид за да ја прославиме и истакнеме важноста на Преспа и што претставува тоа. Направи значајни разлика, не само со тоа што отстрани препреки на патот, туку што овозможи да се зголеми соработката во регионот, придонесе за енергетска сигурност, за трговија, за инвестиции. Само погледнете ги одличните односи меѓу Северна Македонија и Грција кои се развија во сите сфери, од одбраната и безбедноста како сојузници, до економските можности. Тоа ќе станува уште поважно како излегуваме од ковид кризата, фокусирајќи се на економското закрепнување, фокусирајќи се на ланците на снабдување, на отпорноста. Тоа е иднината. Да се напредува и да не се гледа назад. Да се работи заедно” – резимираше тој.