ЕУ ГО ГУБИ КРЕДИБИЛИТЕТОТ, А ЛУЃЕТО ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН НАДЕЖТА И ВИЗИЈАТА, СЛОВЕНЕЧКАТА ЕВРОПРАТЕНИЧКА ТАЊА ФАЈОН: ГОЛЕМИТЕ И ТЕШКИ КОМПРОМИСИ МОЖАТ ДА СЕ ПОСТИГНАТ СО ПОСВЕТЕНИ ЛИДЕРИ КАКО ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ

0
971

Словенечката европратеничка Тања Фајон гостуваше во Охрид за Преспа форумот за дијалог. Таа ги искажа нејзините ставови и загриженоста по второ бугарско вето кон Северна Македонија.

“Многу сум загрижена што Европската Унија го губи кредибилитетот и, секако, луѓето од Западен Балкан ја губат надежта и визијата. Но, мислам дека довербата е клучот за да започне развој на подобри односи и поголема доверба на сите страни. Секако, ја разбирам фрустрацијата на луѓето во Северна Македонија, па дури и во Албанија или во Косово, бидејќи се дадоа многу ветувања, но државите се уште го чекаат следниот чекор. Често сведочиме на егоизам, себичност или изборна кампања во некои од земјите членки кои го загрозуваат напредокот на земјите и тоа мора да престане. Јас мислам дека се наоѓаме во, можеби, последниот клучен момент на крстосница, не само за иднината на Европа, туку и за иднината на проширувањето на Западен Балкан. Ако сме искрени, состојбата на Балканот, во ЕУ или со проширувањето, не е добра. Затоа, искрено се надевам дека во текот на оваа половина од годината, кога Словенија ќе продолжи со претседателството, ќе направиме значајни чекори затоа што, ако не го испорачаме она што го ветивме, мислам дека сме изгубиле драгоцено време” – изјави Фајон.

Таа апелираше владите на Балканот да ги засилат реформите и меѓусебната доверба со цел регионот да напредува по европскиот пат и изрази надеж дека ќе се убеди Бугарија да го тргне ветото што поскоро.

“Мислам дека Европската Унија минува низ неколку промени или предизвици, помина низ различни кризи, проширувањето не беше високо на агендата и ако денеска ги прашате граѓаните на ЕУ или владите, можеби сите ќе се изненадиме како се чувствуваат во врска со проширувањето. Тоа е недостаток на доверба, секако, можеби и недостаток на посветеност, дури и на страната на Западен Балкан. Мора навистина да ги видиме реформите кога станува збор за владеење на правото, за демократија, борба против корупцијата, против организираниот криминал, реформа на јавната администрација, слобода на медиумите, што секогаш се критикува. И владите на Западен Балкан, можеби, во отсуство на силна европска политика, не покажаа значителен напредок. Ја исклучувам овде Северна Македонија, бидејќи може да биде светол пример. Со владата на Заев успеавме да постигнеме историски договор, што беше екстремно тешко, политички сензитивно, но тоа докажа дека големите и тешки компромиси може да се постигнат, ако сите страни се посветени да направат чекор напред” – истакна Фајон.