КАДЕ „ЗАГЛАВИЈА“ СЕТОВИТЕ ЗА ИНСУЛИНСКИ ПУМПИ, СЕНЗОРИ, ГЛУКОМЕРИ : ПАЦИЕНТИТЕ СО ДИЈАБЕТЕС НА ПРОТЕСТ

0
544

До кој степен е потонато македонското здравство? По долгогодишните маки на пациентите со реткото заболување цистична фиброза за набавка на современата модуларна терапија трикафта, сега со сериозен проблем се соочуваат и пациентите со дијабетес Тип 1, а станува збор претежно за деца, тинејџери и адолесценти. За околу 700 пациенти со ова хронично заболување, нема пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери, сè она што е потребно за третирање на болеста и она што може да им го олесни животот во голема мера.

Во разговор за Фактор, д-р Искра Битовска, специјалист ендокринолог посочува дека за дијабетес Тип 1 не постои друга терапија освен инсулински инекции и пумпи.
-Дијабетес Тип 1 се јавува претежно кај младите, кај тинеџерите и тие се комплетно зависни од инсулинска терапија. Кај нов не помагаат таблетките. Тоа е така бидејќи кај овие пациенти воопшто не функционираат клетките во панкреасот кои лачат инсулин. Она што е најважно во ставањето на болеста под контрола, бидејќи дијабетес Тип 1 не може да се излекува, единствено може да се стави под контрола, тоа е постојаното мерење на шеќерот.

И до осум пати дневно мора да го мерат. Тие пациенти мора да се навистина добро едуцирани, односно да знаат да ја бројат количината на јагленохидратите во исхраната и секако да се боцкаат со инсулин четири пати дневно. Стандардната терапија кај пациенти со дијабетес Тип 1 е примање на инсулин пред секој оброк и навечер пред спиење, значи четири пати дневно. Станува збор за макотрпен начин на живот, заради што сега постојат тие сензори кои им го олеснуваат секојдневието, посочува д-р Битовска.

Докторката појаснува дека сензорите се најнова метода во медицината кои се наменети токму за пациентите со дијабетес Тип 1.
-Станува збор за нови начини на мерење на гликемијата. Сензорите се лепат на кожата, а тоа значи дека пациентите кои ги употребуваат не мора во текот на денот да се боцкаат по осум пати за да го проверат нивото на шеќер. Оваа метода во голема мера им го олеснува животот, едноставно имаат увид за гликемијата без оној сет од иглички и апаратче кој постојано го носат со нив. Што се однесува до терапијата со која го регулираат шеќерот, овие пациенти, како што нагласив на почетокот се целосно зависни од инсулин, значи или се боцкаат со инсулински инјекции или носат инсулински пумпи.

Тоа е мал електронски уред кој се носи на стомак или околу половината како појас. Има резервоар кој содржи инсулин и инфузиски сет кој со канила поткожно е прикачен за телото. Оваа пумпа работи со микропроцесор кој е програмиран 24 часа да внесува инсулин во организмот. По оброците пациентот самиот ги уфрла дополнителните дози притискајќи го копчето. Предностите од користењето на инсулинската пумпа се во тоа што се намалува појавата на хипогликемиите, се намалуваат компликациите од покачениот шеќер во крвта, има помалку боцкање во текот на денот, пофлексибилен начин на живеење и подобро регулирана гликемија во крвта, вели д-р Битовска.

Инсулинската пумпа е најпрепорачлива за децата со дијабетес Тип 1 бидејќи, како што појаснува нашата соговорничка, тие сами не се боцкаат со инсулин, и поешко може сами да се обучат, а со пумпата слободно може по цел ден да играат.Ризикот од хипогликемии е минимален.Сега, соочени со недостаток на соодветната терапија, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија вечерва со почеток во 19 часот ќе одржи предупредувачки мирен протест пред Министерството за здравство.