Злосторникот секогаш се враќа на местото на злосторството

0
3322

Неверојатна е упорноста и настојчивоста на Никола Груевски да покаже колку се грижи за несреќните во настраданите подрачја заради човечка и институционална негрижа. Како од маса за пинг-понг се одбиваат од него сите критики и реакции за злоупотреба на државни ресурси, за излегување од уставни и законски рамки, за неискреност, за одговорност.

Како јојо се одбиваат од неговите уши критиките за запуштеност на одводните канали, неизградени атмосферски канализации, одводници, сливници, исечена шума, порозни подрачја, лошо изградена обиколница, зафрлена студија во која се укажува за опасност од поплави токму во овие краишта, трошење народни пари за луксуз….
Кога би го користеле секојдневниот речник на народот во кој се колне, би рекле дека е упорен и издржлив како мазга, а тврдоглав како магаре. Но, исто така би рекле дека има образ како ѓон, дека е итар како лисица, превртлив како мачка, лош како змија, дволичен и самобендисан како Груевски, Никола Груевски.
Тоа би си го рекол народот во кој се колне тој, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, некогашен премиер, министер за трговија и финансии, брокер, боксер… Тоа веројатно би си го рекол или помислил секој жител од Стајковци, Сингелиќ, Црешово… доколку изминатите 10 години бил реално и објективно известуван и доколку медиумите под строга контрола на врхушката од ВМРО не ги третирале како расадник на потенцијални гласачи и партиски членови.

Окрвавени се рацете на сите сопственици на медиуми, уредници , новинари кои свесно ја прифатиле улогата да ја моделираат вистината во Македонија , според потребите само на еден човек – Никола Груевски. Во кал до гуша се и сите негови егзекутори на вистината тргнувајќи од Илија Димовски, Мартин Протуѓер, Гордана Јанкуловска, Иво Котевски… па до мегафоните Никовски, Пандов, Оливер (некој си), Каракамишева, и некои други, бог да ги прости.
Тие, како и МТВ, Сител, Канал 5, Алфа, Дневник, Република, Курир и други ситни борании, се главни виновници за пропагандата на која е изложено населението, тие, а не Никола Груевски! За волја на вистината, последните две години и некои од така наречените опозициски медиуми, иако реално нема такви подолго време, како Телма на пример, имаат голем, негативен придонес, во дополнителното збунување кај луѓето што веруваат се што ќе се каже на телевизија, со уредувачката политика на неутралност и избалансираност, во која сите по малку се виновни за се и сите се исти.

Тоа, според мое длабоко убедување, е погубна и погрешна уредувачка политика, која го мами просечниот гледач, не му дава реален приказ за степенот на политичка одговорност, туку внесува тотална забуна, конфузија, флегматичност во размислувањето. Овој тип на новинарство е жестоко критикуван и во многу поразвиени демократски општества од нашите, каде луѓето реално се медиумски освестени и образовани, а за општества како нашите, дефинитивно се погубни.

Примарна задача на новинарството и новинарите не е само фактографски да известат, туку и да укажат на грешките, злоупотребите на власт и криминалите на политичарите. Ова од проста причина, бидејќи тие имаат пристап до информациите, но и многу често добиваат пријави за злоупотреби, криминал, измами од секаков вид и тоа најчесто со материјални докази. Токму затоа, обврската на новинарите ова да го споделат со јавноста е уште поголема, ако се знае дека секое друго однесување е прикривање на вистината и свесна измама. А за тоа треба да се одговара, исто како и за директно направениот криминал или поттикнување на прикривање на вистината.

Откако се случи трагедијата кај скопската обиколница и откако тој го прекина одморот во Анталија, вест на денот во сите медиуми, па и на социјалните мрежи е Никола Груевски. 80 проценти во позитивна и егзалтирачка конотација, 20 проценти во негативна и исклучително лоша конотација.

Ова е од прилика соодносот, според житието на Груевски, колку волонтери од ВМРО дошле да помогнат во справувањето со последиците од поплавите, спрема оние другите кои може да се подведат во графата-останати. Ете тоа е лидерската визија на вождот.

80 наспроти 20! Толку од се тој контролира, тоа всушност сака да ни порача. И веројатно е во право. Во медиумите кои сто процентно ги контролира, тој е застапен 100 насто. Затоа, и целата одговорност паѓа на нив.

Сто процентно! Секако, и јас не се изземам од одговорност.

Па само во овој текст Никола Груевски, со овој последниот, со име и презиме го спомнувам дури осум пати.

Ние имаме сериозен и голем, навистина голем проблем. А тој се вика …… …….. !
КОЛУМНА НА ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА

Извор: Национална ТВ