Дојчиновиќ: Кражбата на државните пари се врши преку оф шор компаниите

0
1261

Работењето преку оф шор компании претставува рак – рана за Балканот, бидејќи големата кражба на државните пари се врши токму преку нив. Ова е ставот на истражувачкиот новинар и уредник на порталот „Крик“ Стеван Дојчиновиќ, во изјава за Телма.

Тој смета дека јавноста не треба да очекува дека на листата ќе се најдат моќни политичари, туку крупни македонски бизнисмени. Доколку и некој политичар биде дел од приказната „Панама Пејперс“ со откривањето информации кои Македонци имаат оф шор фирми регистрирани во даночните прибежишта, нема да ја потресе јавноста и да ги извади на улица граѓаните, како што тоа беше случај со протестите за оставка на премиерот на Исланд. На Балканот смета, тоа тешко поминува.

Знаејќи ја ситуацијата во Македонија и Србија, се сомневам дека тоа ќе предизвика некаков огромен револт кај граѓаните и дека некој во таа ситуација ќе треба да сноси последици. Ние на Балканот сме доста затапени, мислам дека објавувањето нема да има голем ефект, но ќе знаеме барем малку повеќе како богатите Македонци работат преку оф шор компаниите, изјави Дојчиновиќ.

Само крупните бизнисмени имаат привилегија да работат преку оф шор компании и избегнуваат да плаќаат милионски даноци, вели Дојчиновиќ. Македонија и Србија се сиромашни држави и во моментот кога на државата и недостигаат пари ги притиска малите претпријатија со казни само да исцицаат пари. За разлика од нив, големите играчи кои на сомнителен начин го стекнале богатството имаат и привилегија преку оф шор фирми не плаќаат данок дома.

Тоа е еден расипан и лош систем. Со објавувањето на овие информации практично барем на глобално ниво се менува свеста за тоа што е оф шор фирма и како влијае на самата земја, вели Дојчиновиќ.

Во Србија, пак, токму тимот на „Крик“ пишуваше дека тамошните политичари користеле оф шор фирми, но не да сокријат данок, туку нивниот голем имот. Меѓу најпознатите истражувачки стории кои ги објавија е и за градоначалникот на Белград Синиша Мали, каде открија дека пред да дојде на функцијата градоначалник, бил советник на премиерот Александар Вичиќ и учествувал во купување на 24 луксузни апартмани на бугарското приморје,  а тоа било нарпавено преку оф шор фирма од Девствените острови.

Видеото ОВДЕ