ЗАЕВ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ НЕУТРАЛЕН ЗА ИЗБОРОТ НА НОВ ЛИДЕР НА СДСМ, ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: ЧЛЕНСТВОТО Е ПОДЕЛЕНО, ТРЕБАШЕ ДА СЕ ПОДОБРИ ВИДЛИВОСТА, НЕЗАВИСНОСТА И ИНТЕГРИТЕТОТ НА СИТЕ КАНДИДАТИ

0
1259

“Јас добив подршка од многу сегашни и поранешни функционери, но најмногу сакам да ја акцентирам поддршката од искрените членови и борци, а посебно младите и жените” –  рече кандидатката за претседателка на СДСМ, Фросина Ременски во интервју за Фокус.

“Можам да се пофалам со нивните имиња и авторитети, некои од нив ќе бидат и мои најблиски соработници, но тоа не оди во прилог на обединувањето, туку дополнително поттикнува дебати за табори, крила, ветени резултати, непринципиелни игри, притисоци кон членството и разединување на членството кое треба да гласа во недела. Јас сакам во недела да биде ценет и гласан мојот авторитет, придонес и визија за партијата, а не резултатите на министри” – рече Фросина Ременски.

“Членството е доволно поделено токму поради тие сенки, поддржување на еден или неподдржување на друг. Видете го само Куманово како еклатантен пример. Не мислам дека поддршката од функционерите заради кои и заради чии желби, СДСМ изгуби драгоцени луѓе и гласови на локални избори, може да му помогне на било кој кандидат во оваа трка. Тие поддршки се само чин на позиционирање и избегнување на одговорности за резултатите и очекувањата. Самата оставка на претседателот Заев беше казна и преземена одговорност во име на сите тие функционери” – рече Ременски.

Таа смета дека поддршката од членството на тајно гласање е најважна и верува дека веќе знаат кој на која патека и за каква трка и реформа го позиционира СДСМ.

“Ако претседателот Зоран Заев го почитуваше принципот на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски од 2013 година да остане неутрален во трката за негов наследник, оваа трка ќе ја зголемеше видливоста, независноста и интегритетот на сите кандидати. Членството сака континуитети, но сака и промени кои ќе ги имаме ако донесеме новини и ако погледнеме наназад за да видиме кого сѐ оставивме на патот кон власта” – изјави Фросина Ременски.