ИНЦИДЕНТ НА СЕВЕРОТ НА КОСОВО, УБИЕН ПОЛИЦАЕЦ ВО ПОСТАВЕНА ЗАСЕДА

0
393

Еден припадник на полицијата на Косово е убиен, а уште еден е ранет рано утрово во напад на засега непознати и маскирани лица во селото Бањска во Лепосавиќ, во северно Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информира дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник А.Б. е убиен, доддека ранет е уште еден граничен полицаец.

Курти вели дека истрелите од огнено оружје продолжуваат и натаму утрово.

„Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје“, напиша Курти.

Тој го обвини официјален Белград дека е одговорен за нападот кој, според него, е насочен против косовската држава.

„Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите“, напиша Курти.

Утринава косовската полиција соопшти детали за инцидентот. Од таму велат дека единицата за брза интервенција на граничната полиција околу 02,34 часот забележала дека на влезот во село Бањска, односно преку мостот, се поставени два поголеми камиони, без регистарски таблички и дека патот е блокиран.

„Единиците на полициската станица Звечан по добиеното известување реагирале во врска со случајот и тргнале со три единици во правец на локацијата и веднаш штом пристигнале во близина на местото каде што била пријавена блокадата, полициските единици наишле на отпор, кога од повеќе различни позиции било пукано кон нив од арсенал огнено оружје, вклучително и рачни бомби и гранати“, соопшти полицијата.

Единиците, додаваат од полицијата, реагирале во самоодбрана и успеале да го одбијат првичниот напад за да создадат услови за пружање помош и повлекување на застреланите колеги.

„Повредените полицајци се извлечени од локацијата и пренесени во Регионалната болница во Јужна Митровица, каде лекарот констатирал смрт на еден од тешко повредените полицајци, додека другите двајца повредени полицајци се надвор од животна опасност“, додаваат од полицијата.