ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ БАРА ОД ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО ШТО ПОСКОРО ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА И ПЕНЗИИТЕ

0
1217

Демократскиот сојуз го поддржува барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 18 000 денари.

“Потсетуваме дека уште во јануари 2016 година, пратеникот и претседател на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предложи зголемување на минималната плата на 300 евра, но Собранието тогаш немаше разбирање за донесување вакви измени. За Демократскиот сојуз отсекогаш врвен приоритет е подобрувањето на стандардот на граѓаните, како основен предуслов за раздвижување на сите позитивни процеси во државата, посебно на економскиот развој и зголемувањето на продуктивноста. Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста, иновациите, поради што и младите и креативни кадри заминуваат во странство” – велат од ДС.

“Потсетуваме дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство според пресметките на Сојузот на синдикатите достигна близу 35 000 денари или 570 евра, што е за 100 евра повеќе од просечната плата од 28 800 ден.Дополнително, врз стандардот на граѓаните влијание сигурно ќе има и енергетската криза поради која во јануари 2022 година се очекува зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.

Очекуваме зголемувањето на минималната плата да ги поттикне компаниите кои остваруваат профити да ги зголемат и другите плати на вработените со што ќе се зголеми и просечната плата, а на тој начин ќе се подобри животниот стандард на граѓаните. Владата исто така, треба да ја разгледа можноста за буџетска поддршка на компаниите од текстилната и други индустриски гранки, кои поради објективни пазарни услови не се во можност да остваруваат приходи за да исплатат минимална плата” – велат од ДС.

Исто така Павле Трајанов бара и корекции на износите на пензиите за да се подобри стандардот на пензионерите во државата.