ОПШТИНА КАРПОШ СЕ ФОКУСИРА НА ДЕЦАТА, БОГОЕВ: ПРЕНАМЕНУВАМЕ ПАРИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ЕКОЛОШКА СВЕСТ И СОЦИЈАЛНИ ВЕШТИНИ НА ОСНОВЦИТЕ, ЗА ФОЛКЛОРНА ШКОЛА И ЗА IT БИБЛИОТЕЧЕН ФОНД

0
1020

Во рамки на денешната 57. седница, советниците од Карпош ја поддржаа изменетата и дополнета Програма за активностите на општина Карпош во областа на образованието за 2021 година. Станува збор за проектни активности кои требало да се реализираат, но поради ситуацијата со пандемијата (Ковид-19), училиштата не биле во можност да го сторат тоа. Финансиските средства кои што биле предвидени за спроведување на проектите не биле искористени, со што истите ќе бидат пренаменети за потребите на ИТ библиотечниот фонд во училиштата во Карпош.

Советниците се изјаснија позитивно за трите Предлог-проекти од областа на образованието. Локалната самоуправа со 120 000 денари ќе го поддржи  проектот “Еколошка револуција во општина Карпош”. Здружението за поттикнување на еколошката свест “4SELECT” ќе ги едуцира основците од Карпош и нивните родители, кои преку презентации и низа активности континуирано ќе собираат пластични шишиња и амбалажна хартија и на тој начин ќе придонесат за намалување на загадувањето во својата средина. Проектот се заснова на претходно стекнатите искуства на невладината “4SELECT” со логистичка поддршка од “ПАКО МАК” и “НУЛА-ОТПАД”.

Вториот проект кој го одобрија советниците од Карпош е насловен “Хумана среќа – Проект за лична и колективна среќа“, за кој Општината обезбеди финансиска конструкција од 28 400 денари. Целта на проектот е учениците да развијат конструктивни навики, чувство на оптимизам и вештина за градење на меѓучовечки односи, да се интегрира уметноста во процесот на учење и сл..

Советниците дадоа зелено светло и за третиот проект за одржување на фолклорна школа, каде претставници од МКУД “Цветан Димов” ќе работат со заинтересираните основци од Карпош. За оваа намена, локалната самоуправа обезбеди 50 000 денари од својот буџет, а примарната цел е сценска примена на народните игри кај децата.  Школата е организирана како забавно-едукативен центар, кој преку пренесување на народните игри ќе го развива детскиот фолклор. Часовите за учениците ќе бидат бесплатни и ќе се одржуваат во рамки на слободните активности, по завршување на редовната настава.

Во рамки на денешната седница, Советот на општина Карпош даде согласност за обезбедување финансиски средства за ангажирање на одделенски наставници за реализирање на настава со физичко присуство во продолжен (дневен) престој, само за ученици од четврто одделение.