ЛОШ ПРЕСЕДАН Е ТОА ШТО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НЕ БЕШЕ НАГРАДЕНА СО ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ ПО ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА, ФЛОРИЈАН БИБЕР: ЗАТОА СРБИЈА НЕ Е МОТИВИРАНА ДА ПОСТИГНЕ КОНЕЧЕН ДОГОВОР СО КОСОВО

0
675

Професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер рече дека ако утре се нормализираат односите меѓу Србија и Косово, тоа по автоматизам нема да ја отвори вратата за членство во Унијата. Тој потсети дека Северна Македонија не беше наградена за сè што спроведе за да ја надмине блокадата на Грција за нејзиниот понатамошен европски пат и од тоа пораката до регионот е: “Заборавете на тоа!“

“Зошто Србија и Косово би постигнале договор ако нема награда за тоа? Би рекол дека ова е особено точно за Србија каде поддршката за пристапување во ЕУ опаѓа од година во година, а владата нема да сака да се приклучи во Унијата затоа што се грижи дека ќе мора да го подобри владеењето на правото” – рече Бибер.

Според него, ЕУ мора да понуди награда бидејќи без реализирана евроинтеграција, не е јасно зошто Србија и Косово би постигнале договор.

“Да сум јас сега претседател на Србија, не гледам зошто би се согласил на нормализирање на односите со Косово, кога тоа носи само политички ризици дома. Таа одлука не би била популарна, а наградата за тоа е многу апстрактна и нејасна” – јасно порача Бибер.

Доколку се деблокира процесот на проширување на Европската унија, тоа може да се случи во следните неколку месеци, бидејќи Словенија секако ќе се обиде да го реши прашањето за време на нејзиното претседателство со ЕУ. Голема пречка за тоа може да бидат претседателските избори во Франција. Дури и ако Бугарија се откаже од блокирање на Северна Македонија, Париз може да биде проблем.

“Доколку Бугарија ја отстрани блокадата по парламентарните избори, тоа веднаш ќе создаде позитивна атмосфера, но не можеме да бидеме сигурни дека нови блокади нема да се појават веднаш. Блокирањето на процесот на проширување го загрози кредибилитетот на Европската унија” – рече професорот Бибер.