Пет амбасадори не можат да бидат испратени на должноста бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја води Комисијата за надворешни работи во Собранието и намерно не закажува седница. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја обвини опозицијата поради губењето време за овие именувања.
“Пет амбасадори чекаат затоа што не се поканети 15 минути во Собрание да ги презентираат своите тези и очекувања и утредента да бидат упатени дали во Рим или во други важни градови во светот. А тие се важни амбасади кои стојат празни” – рече министерот Османи.
Тој нагласи дека дискусијата во Собранието не е законска обврска туку е политичка волја на институциите за да се слушне мислењето и на опозицијата.
За амбасадорското место во Бугарија, министерот рече дека меѓу МНР, премиерот и претседателот во тек се разговори за неколку имиња.