ЌЕ ДАДАМ СÈ ОД СЕБЕ ДА ГИ БРАНАМ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ, РЕЧЕ НОВАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

0
84

Среќна сум што сум избрана за прва жена претседател на оваа мала држава и ќе дадам сè од себе да ги бранам националните интереси, кажа Гордана Силјановска-Давкова која според досегашните резултати е во убедлива предност во вториот круг во трката за претседател на државата.

Според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК) од 80,37% преброени гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83% , а Пендаровски освои 198.288 или 29,24%.

Силјановска-Давкова која беше кандидат на ВМРО-ДМПНЕ кажа дека граѓаните на денешните избори покажале отпорност на притисоците и рече дека бојкотот кој го имало денес е политички притисок.

„Има ли поголема победа од тоа да бидам прва жена претседател? Ќе се опкружам со силни жени околу мене. Не се согласувам дека гласовите сум ги добила со набој на национализам, а тоа ќе го докажам што во мојот кабинет ќе вклучам и Албанци, Турци и други националности“, рече Силјановска-Давкова.

Рече дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома. Прашана за доделување на мандатот за идна Влада рече дека ќе го добие онаа партија која освоила најмногу гласови.