СРЕДБА НА МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ СО ПРЕТСТАВНИЧКАТА НА ОБСЕ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ РИБЕИРО

0
433

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми Тереза Рибеиро. Министерот Спасовски ја потенцираше посветеноста и одличната соработка на МВР со медиумите и медиумските работници и овозможување на услови за нивно непречено работење. Одличната соработка се надоградува преку заеднички работилници и други активности на полицијата и новинарите, а во голем дел од овие активности учествува и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Министерот Спасовски потенцира дека токму денеска беа презентирани и резултатите од проценките за отвореност на институциите, а МВР е една од највисокорангираните институции. Тој ја нагласи посветеноста за уште поинтензивна соработка на ова поле, што е од интерес за целото општество и упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ за одличната соработка во изминатиот период.

Г-ѓа Рибеиро ја потенцира важноста на слободата на медиумите за развојот на едно општество, а во таа насока особено е важна безбедноста на новинарите. Таа изрази задоволство од сето она што во изминатиот период е направено на ова поле, со очекување да се продолжи во истиот правец, а за тоа е потребно зајакнување на законската рамка за заштита на новинарите.

Рибеиро и Спасовски се согласија дека измените во кривичниот законик во насока на подобрување на безбедноста на новинарите, а кои се очекува да бидат усвоени од Парламентот, ќе дадат голем придонес за тоа.