ШВЕДСКА ГИ ВРАЌА ПЕЧАТЕНИТЕ УЧЕБНИЦИ ВО ШКОЛИТЕ И САКА ДА ГО ОГРАНИЧИ ДИГИТАЛНИОТ НАЧИН НА УЧЕЊЕ

0
357

Со почетокот на новата учебна година во Шведска, многумина наставници одново ставија акцент на печатени книги, време за тивко читање и вежбање пишување, а посветуваат помалку внимание на таблети, независно истражување на интернет и вештини со тастатура.

Враќањето на потрадиционалните начини на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите за тоа дали хипердигитализираниот пристап во образованието, вклучувајќи воведување таблети уште во градинките, довел до намалувањето на основните вештини. Шведската министерка за училишта Лота Едхолм беше еден од најголемите критичари на сеопштото прифаќање на технологијата.

„На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учењето“, кажа Едхолм.

Таа во август најави дека владата сака да ја поништи одлуката на националната агенција за образование со која електронските уреди станаа задолжителни во претшколските установи. Планот е целосно да се укине дигиталното учење за децата под шест години.

Иако шведските ученици и натаму постигнуваат оценки над европскиот просек во читачките способности, тие сепак бележат пад меѓу 2016 и 2021 година. За да одговори на овој проблем, шведската влада ќе инвестира 57 милиони евра во обезбедување книги за училиштата оваа година и уште 42 милиони за 2024 и 2025.

„Постојат научни докази дека дигиталните алатки го нарушуваат, а не го подобруваат учењето кај децата. Ние веруваме дека фокусот треба да биде на стекнување знаења преку печатените учебници и стручноста на наставниците, место од слободно достапните дигитални извори“, велат од престижниот шведски медицински универзитет Институт Каролинска.

Извор : СДК.МК