УСТАВОТ ЌЕ СЕ ОТВОРИ НО НЕ САМО ЗА БУГАРИТЕ

0
708

На овој начин Владата може да добие поширока поддршка за вклучување повеќе заедници во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство, коешто тешко ќе се оствари без широк конзсензус во парламентот.

Македонскиот Устав ќе се отвори, но не само за бугарското малцинство во земјата. Владата размислува и околу барањата на другите заедници во земјата, коишто изминатиов период пројавиле желба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, којшто треба да се отвори пред пристапувањето на земјата во Европската Унија. Скринингот со ЕУ ќе започне на 15 септември, со што ова прашање почнува се почесто да се наметнува во јавноста.

Владини извори за ДВ велат дека идејата е Уставот да се дополни и со еврејскиот народ, затоа што еврејската заедница е веќе вградена во листа на верски заедници во Уставот, на која се застапени МПЦ, ИВЗ, Католичката, Методистичка и Еврејската заедница. Египќаните и Торбешите исто така побарале да бидат вклучени во уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата. На тој начин ќе се амортизира политичкиот притисок и внатре во земјата, но и од страна на Бугарија, којашто го наметна прашањето за бугарското малцинство да се наметне како важен услов за европската интеграција. Ова е шанса за Владата да добие поширока поддршка за вклучување повеќе заедници во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство, коешто тешко ќе се оствари без широк консензус во парламентот.

Ова прашање го отвори и премиерот Димитар Ковачевски синоќа (24.08) во „Тема на денот“ на Сител телевизија каде истакна дека по завршувањето на процесот на скрининг и отпочнувањето на преговорите по поглавја, ќе треба да се направат уставни измени во кои што ќе треба да бидат вклучени делови од други народи кои што живеат во државата а кои што не се впишани во преамбулата.

„Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконвенционално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени”, рече Ковачевски.

Иницијативи

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова за ДВ вели дека до нив пристигнала иницијатива дека со отворањето на Уставот, заради негово дополнување, наведувајќи ги поединечно и другите национални малцинства односно заедници кои живеаат на територија на Македонија, пожелно е да биде внесена и еврејската заедница. „Од тие причини ние како пратеници на ЛДП би поднеле уставен амандман со кои би побарале вакво дополнување. За да не настане недоразбирање за истото ќе ја консултираме и Еврејската заедница со цел правилно дефинирање во уставниот амандман“, вели Зајкова.

Димитар КовачевскиДимитар Ковачевски
Премиерот на Северна Македонија Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia
Според неа, Еврејската заедница има долга историја во Македонија, нејзини припадници учествувале во НОБ и во создавањето на темелите на државата, а „посебно бидејќи е извршен Холокауст врз таа заедница како држава треба да чувствуваме должност да го овековечиме споменот за таа зааедница со наведување како една од заедниците во Уставот“.

И Египќаните во јули годинава испратија барање до Владата да бидат впишани во македонскиот Устав, ако влезат Бугарите. Тие побараа во нацрт амандманот за промена на Преамбулата на Уставот да се внесе и заедницата на Египќаните, односно да стои дел од „египќанскиот народ“.

Претходно се отвори прашање во Уставот да бидат внесени и Хрватите и Црногорците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивстави на отворање на Уставот, а лидерот на партијата Христина Мицкоски најави и повлекување од политиката, доколу поминат уставните измени во парламентот.

Според последниот попис, којшто беше спроведен во септември 2021 година, 3.504 македонски граѓани се изјасниле како Бугари, со 0,19 отсто. Дека бугарскиот им е мајчин јазик на пописот пријавиле 1.519 граѓани, или 0,08 отсто од населението во земјата. Бугарите се деветта по застапеност етничка заедница во земјата, а втора од заедниците кои не се опфатени со Уставот. Од заедниците што не се опфатени како малцинство во Преамбулата на Уставот најбројни се Торбешите (4.174), потоа Египќаните (2.406 граѓани или 0,13 отсто), Хрватите – (2.145 лица или 0,12 отсто), а како Црногорци се изјасниле 1.023 или 0,06 проценти. Само 344 лица или 0,01 отсто се декларирале како Југословени. Од малцинствата што се споменати во Уставот, Албанци се 446.245, Турци има 70.961, Роми – 46.433, како Срби се изјасниле 23.847, Бошњаци велат дека се 16.041 и Власи – 8.714 граѓани. За дури 132.260 лица или 7,2 отсто од резидентното население не е позната етничката припадност.

Уставните измени како камен за сопнување

Дека заедно со скринингот треба да се работи и на уставните измени, потврди неодамна и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за „Алсат“. „Мислам дека до завршувањето на скринингот има добри шанси да ги комплетираме уставните измени со едноставно прашање до секој пратеник, бидејќи ова е дилема која ќе се исправи пред секој пратеник: Дали сте за членство на Северна Македонија во ЕУ или не? Ова е суштинското прашање на кое треба да се одговори“, истакна Маричиќ.

Бојан МаричиќБојан Маричиќ
Вицепремиерот за европски интеграции Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien
Според него, содржината на уставните измени не е проблематична, појаснувајќи дека се работи за нешто што веќе го имаме во Уставот и додавањето на уште неколку заедници, меѓу кои и бугарската, не го гледаат како суштински проблем. Напротив, според Маричиќ, тоа само може да го збогати нашиот Устав и нашето општествено милје.

„Ние од 1991 година, од независноста, сме се определиле и за ЕУ и за НАТО, веќе сме членка на НАТО и исцртан нѝ е патот кон ЕУ. Ги почнавме преговорите, дали успешно ќе ги продолжиме и завршиме зависи само од нас. Затоа е битно ова секој пратеник да го има предвид кога ќе ја носи одлуката“, рече Маричиќ.

Поларизација

Но, претседателот Стево Пендаровски е скептичен дека сегашната опозиција во парламентот има расположение да гласа за уставните измени. Тој смета дека во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик, а дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.

„Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со ЕУ, низ партиска диоптрија“, вели Пендаровски во интервју за Агенцијата Анадолија.

Говорејќи за политичката поларизација во земјава, тој вели дека не може да се постигне консензус ни за стратешките прашања како што се евроинтеграциите.

„Двата главни политички блока се толку далеку и поларизацијата е толку голема што и јас навистина не верувам дека тука има минимум волја, пред сѐ поради однесувањето на опозицијата, да се договориме за некои две-три стратешки работи, вели Пендаровски, според кого не би помогнала ни можна лидерска средба иницирана од неговиот Кабинет.