ТРЕНЧЕВСКА : НАША ЦЕЛ Е ЕДНАКОВ ПРИСТАП ДО РЕСУРСИ И УСЛУГИ ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ

0
162
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска утринава беше гостинка во студиото на Слободен Печат. Во нејзиното интервју таа зборуваше за покачувањето на пензиите, деветтиот пакет на финансиска поддршка, вклучување на децата во предучилишно воспитание и образование и процесот на деинституционализација.
Таа на почетокот од нејзиното интервју посочи дека во изминатите неколку години се направени многу системски решенија и дека едно од нив е и усогласувањето на пензиите два пати годишно согласно порастот на трошоците на живот и просечната плата.
„Ако ги погледнеме пензиите пред 2017 година изнесуваа 6000 денари, додека денес најниската пензија изнесува 13.200 денари. За еден месец пак ќе имаме усогласување на пензиите. Покачувањето на пензиите не ја следи само инфлацијата, туку и зголемувањето на просечната плата и во услови кога нема инфлација пензиите повторно ќе растат. Ако се укине овој систем, 360.000 пензионери ќе ја изгубат придобивката од зголемување на пензиите два пати годишно“ изјави Тренчевска.
Во однос на детската заштита и вклучувањето на децата во предучилишните установи Тренчевска посочи дека во 2017 година била затекната ситуација каде само 25% од децата на територијата на целата држава биле вклучени во воспитно-образовниот систем
„Од 2017 година до денес отворивме 83 градинки и за прв пат отворивме градинки и во руралните средини, Едно општество за сите ни е водилка во процесот секое дете да има пристап до градинките. Покрај што отворивме доста градинки во 2023 година одделивме 4 милиони евра за нови градинки во Општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и Карпош“ рече Тренчевска.
На крај од интервјуто Тренчевска зборуваше и за успешноста од спроведувањето на социјалната реформа која започна со измените на новиот Закон за социјална заштита.
„Досега имаме 57 мали групни домови каде се одвива живеењето со поддршка. Во ваквите домови владее семејна атмосфера и воедно е достапна дваесет и четири часовна грижа. Со гордост можам да истакнам дека ние сме единствената држава каде ниту едно дете до 18 годишна возраст не е сместено во големите и гломазни институции“ посочи Тренчевска.
Таа истакна дека нејзината теренска работа во изминатите две години била со цел да ја воочи успешноста на социјалната реформа. Тренчевска рече дека инклузијата е приоритет на Владата предводена од СДСМ и дека реалноста која денес ја живее нашето општество е: повеќе лица со попреченост вклучени на пазарот на трудот, деца вклучени во редовниот образовен процес и општество кое ги прифаќа различностите.