КОСТАДИНОВСКА – СТОЈЧЕВСКА : СДСМ ЌЕ ГО ПОНУДИ НАЈДОБРИОТ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, СТОЛБ НА ПОБЕДАТА

0
195

Идниот кандидат за претседател на државата СДСМ ќе го бира демократски, преку веќе дефинирана процедура. Конечната одлука ќе се носи во претстојниот период од страна на партиските органи во директна консултација со коалиционите партнери.

-Убедена сум дека ќе го понудиме најдобриот кандидат во трката за претседател, кој ќе биде силен столб на победата, рече потпретседателката на СДСМ и министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска во интревјуто за Прес 24.

Таа ја потенцираше неодговорноста на опозициската ДПМНЕ и рече дека немаат план.

-Неодговорноста кон државата, инаетот и политикантството на ВМРО-ДПМНЕ не само што ги стави граѓаните повторно во неизвесност, туку го стави прашањето за европската интеграција како точка на претстојните избори. ДПМНЕ избегнува да понуди решенија за европската интеграција – тие не предлагаат ништо бидејќи немаат решенија, немаат план. Тие водат кампањи на национализам наместо да зборуваат за повисоки плати, пензии, за енергетски политики и за социјални мерки. Со вакво деструктивно делување, со ширење дезинформации и паника кај граѓаните, без понуда и реални политики од страна на ДПМНЕ, мнозинството во идната влада ќе го има европскиот фронт предводен од СДСМ, рече Костадиновска Стојчевска.

Стравовите кои ги сееа ДПМНЕ дека сме останале без македонски јазик, идентитет и дека сме биле под бугарски диктат, не носат ништо освен конфликти, тензии, неизвесност и состојба на немир за граѓаните.
Костадиновска –Стојчевска се осврна и на Законот за употреба на македонскиот јазик, велејќи дека новиот Закон е јасен и прецизен одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо.

Со Законот се прецизираат и се прошируваат сферите во кои е задолжителна употребата на македонскиот јазик, во законодавната, извршната и судската власт и во дипломатско-конзуларните претставништва, во локалната самоуправа, во јавните установи и претпријатија и сл.