СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИТРЕСКИ И НА ГЕНЕРАЛНАТА СЕКРЕТАРКА ИВАНОВА СО АМБАСАДОРКАТА УЛМАН

0
241

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески и генералната секретарка, Цветанка Иванова, остварија средба со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во земјава, Вероник Улман и со Роберт Скот Хејзлет од Националниот демократски институт (НДИ), кој е тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП).

Акцент на средбата беше ставен на ефектите од досега спроведените проекти што произлегуваат од ПСП, како и на можностите за брза и ефикасна реализација на проектите предвидени со втората фаза од Програмата, која стартува од почетокот на годинава.

Изразувајќи задоволство од досегашната соработка на Собранието со Швајцарската Конфедерација и со НДИ, претседателот Митрески нагласи дека на денешен датум пред четири години е потпишан првиот договор за реализација на финансискиот придонес во рамки на ПСП, за периодот 2020 – 2023 година.

Претседателот Митрески истакна дека спроведувањето на проектите од ПСП ќе продолжи и во наредниот период до изборите, посочувајќи дека очекува континуитет во овој процес и по конституирањето на новиот собраниски состав.

Генералната секретарка Иванова рече дека проектите што произлегуваат од ПСП се мошне значајни за понатамошен развој на функционалноста и на независноста на законодавната власт во земјава. Таа, исто така, изрази уверување дека реализацијата на ПСП, која е вклучена во Стратешкиот план на Собранието, ќе продолжи и во следниот мандат.

Амбасадорката Улман изрази задоволство од досегашната соработка со Собранието, нагласувајќи дека Швајцарската Конфедерација, преку Амбасадата во земјава, ќе продолжи со поддршката во насока на понатамошно јакнење на функционалноста и демократичноста на законодавната власт.

Тим лидерот на ПСП, Скот Хејзлет, посочи на досега спроведените проекти во рамки на Програмата и се осврна на ефектите што се очекуваат од проектите предвидени со втората фаза.