Јованоски : Следниот месец стартува проектот „Обезбедување пристојни услови за живот на ромските домаќинства во Општина Прилеп – СДЛР“

0
867

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска оддржа онлајн состанок со партнерите од проектот „Обезбедување пристојни услови за живот на ромските домаќинства во Општина Прилеп – СДЛР“, а во кој еден од учесниците е и Општина Прилеп.

Станува збор за тригодишен проект во вкупна вредност од 893.910 евра, обезбеден преку  Советот на Европа од програмата ИПА 2, чии активности стартуваат на 1 февруари, 2021 година.

Со проектот се опфаќаат граѓаните од социјален ризик, а во насока да им се помогне на Ромите во подобрувањето на комуналната инфраструктура во населбите каде живеат, како и со стекнување на правото на сопственост преку легализација на нивните домови и подобрување на пристапот до социјални, образовни и здравствени услуги за граѓаните од ромската заедница.

Покрај другото, со проектните активности се предвидува ажурирање и подобрување на урбанистичките планови за деловите од градот каде живеат Ромите, поддршка на процесот за легализација на имотот, куќите и земјиштето на 700 ромски домаќинства, како и реконструкција на куќи за 50 ромски семејства кои живеат во најголема сиромаштија.

Истовремено, со проектот се обезбедува водоснабдување за најмалку 1.000 граѓани, кои живеат во прилепските населби  „Дебарца“ и „Три Багреми“, а ќе се работи и на промоција на програми за пристап до пазарот на труд за жени и млади од ромската популација во општина Прилеп, како и на поддршка за образовни програми за децата Роми.

На денешниот онјалн состанок, партнерските организации се договорија да потпишат меморандум, со кој ќе се дефинираат обврските на секоја инволвирана страна во проектот, а градоначаникот Јованоски презеде обврска пред Заедницата на единиците на локална самоуправа – ЗЕЛС, да ги изнесе сите недостатоци на Законот за легализација, со цел полесна имплементација на проектните активности.

Партнери на проектот се:           

  • НВО ЦЕЛИМ – Италијански центар за поддршка на здружени мисии (Centro Laici Italiani Per Le Missioni Associata – CELIM), Милано, Италија – координатор на проектот;
  • Општина Прилеп;
  • НВО Ромски ресурсен центар, Скопје

Додека пак, како асоцијативни партнери во проектот, вклучени се следните субјекти:

  • Кабинет на министерот без ресор одговорен за спроведување на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Влада на Република Северна Македонија
  • НВО Рома перспектив, Прилеп.