РОТ: ПОЛИТИЧКИТЕ КОМПРОМИСИ СЕ НЕОПХОДНИ ЗА ЗДРАВО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

0
291

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, кој престојува во работна посета на земјата. Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер и генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова беа исто така присутни на средбата.

Претседателот Џафери, како и на претходните средби со германските соговорници изрази особена благодарност за личниот ангажман на Рот и за силната повеќедецениска поддршка на Сојузна Република Германија на нашиот евроатлантски интеграциски пат. Интензивираната парламентарна соработка со Германскиот Бундестаг во области од взаемен интерес и посетите на сите парламентарни нивоа особено во изминатите години, се уште еден показател за не смалениот интерес на Германија за унапредување на реформските процеси на домашен план и за јасната европска перспектива на целиот регион на Западен Балкан. Во однос на уставните измени, претседателот Џафери посочи дека истите во овој момент се повеќе од неопходни и дека е потребно преземање политичка одговорност и носење на одлуки за иднината на генерациите што доаѓаат, а не за дневно-политички потреби.

Рот изрази жалење што состојбите не се значително подобрени на европски план од неговата последна посета на земјата изминатата година, изразувајќи ја притоа својата поддршка за донесувањето на уставните измени, кои се неопходен предуслов за продолжување со процесот на пристапување во Европската унија. Од негова страна беше истакнато дека политичките компромиси можат да придонесат за збогатување на мулти-етничкиот и мулти-религиозниот карактер на општеството на Република Северна Македонија, без притоа да ја нарушат веќе изградената социјална кохезија и како такви, се неопходни за здраво функционирање на демократијата.