ПО ОПОМЕНИТЕ ОД УЈП ЌЕ СЛЕДУВА И ПРИСИЛНА НАПЛАТА, ЛУКАРЕВСКА: 181 РАБОТОДАВАЧ НЕ ИСПЛАТИЛ ПЛАТИ НА 753 ВРАБОТЕНИ ЗА ФЕВРУАРИ И МАРТ ИАКО ЗЕЛЕ ДРЖАВНА ПОМОШ

0
905

До 31 мај 2021 година плата на своите вработени не им дале вкупно 181 работодавач кои добиле финансиска поддршка од државата за февруари и март. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца.

Како што соопшти денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената но неисплатена финансиска помош е вкупно 12 071 908 денари или 2 738 715 денари за февруари и 9 333 193 денари за март.

Овие работодавачи се од дејностите, подготовка на оброци и служење храна – 61, трговија на мало – 33, копнен транспорт – 24, но има и од специјализирани градежни дејности, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли, правни и сметководствени дејности.

“Вкупно 181 работодавач ја злоупотребил државната помош и обесправил 753 вработени. Најмногу од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје – 71, од Тетово – 53 и 27 се од Битола” – истакна Лукаревска.

Таа потенцираше дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот.

Присилна наплата е спроведена кај работодавачите кои не исплатиле плати за периодите април, мај и јуни како и за октомври, ноември и декември.