ДРАМА НА ШАПКА – БРАВО ЗА МВР КОЈА ЈА ИМА БУКВАЛНО НАСЕКАДЕ : ЕВАКУИРАНО СКОПСКОТО СЕМЕЈСТВО КОЕ ЗАГЛАВИЛО ВО СВОЈАТА ВИКЕНДИЦА БЕЗ СТРУЈА И ХРАНА

0
1368

Скопското семејство со две малолетни деца кое остана заглавено на Попова Шапка е на сигурно. Семејството поради снежните навеви на патот во викенд населбата било евакуирано од тетовски полицајци, па потоа и со возило на СВР Тетово однесено дома во Скопје. Полицијата била ангажирана откако 35 -годишниот сопруг и татко по телефон побарал помош со оглед дека немаат струја и храна во викендичката.

-Вчера во 12 часот и 40 минути, Б.А.(35) од Скопје во СВР Тетово пријавил дека поради големи снежни навеви, бил отсечен пристапот до неговата викендичка на Попова Шапка, во која се наоѓале и сопругата и двете малолетни деца и дека поради тоа, тие не се во можност да излезат надвор и да заминат кон Скопје. Б.А., исто така, кажал дека во викендичката немаат електрична енергија и дека веќе немаат резерви од храна и огрев. Веднаш по пријавата, полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка се упатиле кон викендичката за да ги евакуираат лицата, а во меѓувреме во координација со локалната самоуправа е ангажирана и потребната механизација за пробивање на пат, по што лицата со возило на Секторот за внатрешни работи Тетово се пренесени до нивниот дом во Скопје, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Ноќта помеѓу неделата и понеделникот поради силен ветер и интензивни врнежи од снег завеан беше патот во населбата со викендички во Попова Шапка. Околу полноќ дошло до прекин во снабдување со електрична енергија.

-Механизација вчера до 21 часот го расчистуваше патот, а утринава се продолжи со работа. Патот е речиси исчистен, но ноќеска повторно врнеше снег, а за среќа нема ветер, изјави Хавзи Ризвани, претседател на месната заедница и здружение на граѓани сопственици на викендички на Попова Шапка.

Во викенд населбата има околу 650 објекти.