СПАСОВСКИ : КОРУПЦИЈАТА ГИ ЈАДЕ РАБОТНИТЕ МЕСТА И ЕКОНОМИЈАТА, ОДГОВОРНОСТА ТРЕБА ДА ГИ СТИГНЕ СИТЕ, СЕКОЕ БАРАЊЕ ИЛИ НУДЕЊЕ ПОТКУП ДА СЕ ПРИЈАВИ

0
442

Во интервјуто за утринската програма на националната телевизија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски запрашан за борбата со корупцијата на национално, но и на институционално ниво потенцираше дека Владата и МВР борбата со корупцијата ја имаат издигнато на највисоко политичко ниво, почнува од сопствените редови и бара сите заеднички да избориме со овој феномен.

„Министерството за внатрешни работи уште во старт започна со имплементација на низа процедури и активности со цел да се зајакне внатрешната контрола и низа механизми со цел јакнење на интегритетот на полициските службеници. Воспоставивме механизам и на надворешна контрола, како посебно одделение на Народниот правобранител т.н. Полициски омбудсман, посебно одделение во Јавното обвинителство кое се занимава исклучиво со законски престапи на полициските службеници. Преземавме низа механизми во делот на антикорупциските политики, како обврската секој вработен во македонската полиција да пополнува анкетен лист за неговата имотна состојба и за судирот на интереси“, се осврна министерот Спасовски на институционалните механизми.

Тој потсети дека преку соработка со ИЦИТАП програмата на САД обезбедени се мобилни камери за сите припадници на полицијата во делот на сообраќајот и во делот на граничните премини како механизам на намалување на можни коруптивни влијанија.

Притоа Спасовски особено го истакна задоволството што сѐ поголем процент на граѓани се одважуваат да пријават корупција што значи дека расте довербата во полицијата, но истовремено расте јавната свест кај граѓаните за отфрлање на корупцијата.

Министерот изрази апел до граѓаните секогаш кога има некаква индиција или барање за корупција тоа веднаш да го пријавуваат, бидејќи корупцијата е еден од најопасните феномени. „Корупцијата ги јаде работните места и економијата. Одговорноста треба да ги стигне сите, и оние кои бараат поткуп, и оние кои даваат потпуп. Само заеднички може да си помогнеме во таа битка со корупцијата“, посочи Спасовски.