НЕМА ВЛИЈАНИЈА ПРИ ИЗБОРОТ И УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ НА ЈО

0
280

Нема никакви влијанија при изборот и унапредувањето на јавни обвинители, вели новата претседателка на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).Според неа таков бил случајот и при последниот избор на јавни обвинители од кандидатите кои ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители со кој во обвинителската тога влегоа блиски роднини на актуелни функионери, меѓу кои и синот на собранискиот спикер Талат Џафери и сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.

„Не постојат никакви влијанија при изборот на сите овие кандидати кои ги споменавте, сите членови на Советот на јавни обвинители имаат право на свое сопствено убедување и свој глас и тоа го искажуваат при гласањето. Сите кандидати ги исполнуваа условите, сите избрани се квалитетни кандидати и сметам дека сите успешно ќе одговорат на задачите кои им се зададени со функциите на кои ги избра советот“ вели Димитриеска на прашањето дали некој влијае врз членовите на Советот.

Таа вели дека сè уште немаат добиено одговор од етичкиот совет при Јавното обвинителство во врска со изјавата на обвинителката Ленче Ристоска, која во април годинава како говорник на конференција, рече дека начинот на избор на обвинители креира клиентелистички однос на обвинителите кон оние што лоборале за нивниот избор.