АРМ почна да гради ограда на границата со Грција

0
1361

Армијата на Република Македонија (АРМ) утрово почнала со поставување жичена ограда од левата и од десната страна на кота 59 на македонското-грчката граница, потврди за „Мета“ портпаролот на АРМ, потполковник Тони Јаневски.

Одлуката за поставување на оградата, според информациите, била донесена утрово од владиното координативно тело за справување со мигрантската криза, а врз основа на заклучоците што беа донесени на состанокот на Советот за безбедност пред две недели.

Поставувањето на оградата е за да се спречат економските мигранти илегално да влегуваат во земјава.

– Арамијата на Република Македонија е задолжена да постави ограда, столбови и жица, како дел од тактичко-техничките активности за поставување соодветни пречки и насочување на мигрантите кон прифатниот пункт, врз основа на одлуката донесена од Советот за безбедност – изјави Јаневски за „Мета“.

Од АРМ најавија дека во текот на денот ќе испратат и официјално соопштение во врска со поставувањето на оградата.

Минатата недела, Македонија и другите земји од т.н. западно-балканска рута го забранија протекот на економски мигранти и дозволуваат премин преку границите само на лицата што доаѓаат од кризните жаришта, односно од Сирија, Ирак и од Авганистан.