ИПИС НАЈАВУВА ТУЖБИ, А АРСОВСКИ ДЕМАНТИРА ДЕКА УЧЕСТВУВАЛ ВО АНКЕТИТЕ

0
370

Институтот за политички истражувања (ИПИС) во реакција до јавноста по обвинувањата од СДСМ за лажни анкети најавува дека ќе ги преземеле сите правни средства, вклучително и тужби пред надлежните судови.

Во соопштението, со жалење констатираат дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи.

Во реакцијата појаснуваат дека ИПИС во соработка со МРТ спроведува серија истражувања во пресрет на претседателските и парламентарни избори.

-Оваа соработка е исклучиво врз база на договор меѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице, велат од ИПИС.

Претходно, денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија објави документи со кои, како што велат од партијата, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. ОД ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека документите се лажни и бараат извинување, а во спротивно најавуваат тужба за клевета.

Аналитичарот Петар Арсовски пак од агенцијата „Креатиф“ вели дека тој и неговата агенција не се вклучени во спроведувањето на анкетите и во изведувањето на заклучоците од истражувањата, туку само во делот на анализа и коментар на податоците/бројките што ги подготвувале во ИПИС.

-Со внимание го следам развојот на настаните за анализите на МТВ и во овој момент можам да го кажам дека моето учество во анализите за кои станува збор, не вклучува спроведување анкети, туку анализа и коментар на бројки и трендови. За евентуална проверка или валидација на податоците добиени од спроведените истражувања морам да ве упатам на агенцијата која ги спроведувала истражувањата, изјави Петар Арсовски за „Рацин“.