ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КРИТИКИТЕ СЕ НЕПРИЈАТНИ, НО НЕ ОТСТАПУВА ОД ТВРДЕЊЕТО ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗАКОНСКИ И БЕЗ КОРУПЦИЈА

0
390

По критиките од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп со кои се согласи и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека целиот Судскиот совет се избрукал пред јавноста, новиот претседател на ова тело Сашко Георгиев вели дека се непријатни таквите укажувања, но уверува дека тие работат согласно законот.„Ако имаат некаков сомнеж, бидејќи се спомнуваа некакви коруптивни елементи, има надлежни институции и тие нека ја испитуваат работата. Јас сум назначен неполн месец и можам да одговарам, и индивидуално, и колективно, и доколку има некакви сомнежи институциите слободно нека проверат“,изјави Георгиев денеска за медиумите откако Судскиот совет вчера се огласи и со соопштение во кое рече дека холандскиот амбасадор дава неосновани изјави.

Георгиев се согласува дека „има простор за критики“, пред сè, бидејќи нема завршница за голем дел од, како што рече, сензитивни предмети од поранешното Специјалното јавно обвинителство. Тоа, вели, е „стар проблем кој веќе некое време се провлекува и е во општата перцепција“, како и во делот на владеењето на правото и нагласи дека тоа е обврска на која треба да работат.Во најскоро време, рече тој, ќе иницираат средба со амбасадорот на Холандија за да разговараат, но не се согласува со изнесените ставови дека претседателот на Судски совет е избран на колегиум и смета дека и разрешувањето на неговата претходничка Весна Дамева и неговото назначување за прв човек на Советот биле спроведени законски.

„Знаеме како е избран претседателот, со број на гласови согласно законот, на јавна седница. Меѓутоа, се случија настани во Советот, имавме разрешување на претходната претседателка. По четири до пет месеци се изгласа недоверба на колешката. Верувам се создаде можеби чувство на каков начин, дали било процедурално. Согласно Законот за Судски совет е пропишана процедурата за избор на претседател, согласно истиот закон не е пропишана процедура за разрешување на претседател. Со мнозинство, најмалку осум, се избира претседател“,рече Георгиев.