ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ САШЕ ТАСЕВСКИ ДЕНЕС ВО РАМКИ НА ,,БЕЗБЕДНО ЛЕТО 2023″ СО СТРАТЕШКА ГРУПА ВО РАБОТНА ПОСЕТА ВО СТРУМИЦА

0
471

Денеска (25.07.2023) во рамки на реализацијата на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност остварив работна посета на Секторот за внатрешни работи Струмица и Одделението за внатрешни работи Радовиш, при што остварив средба со раководствата на овие организациски единици. Од страна на раководството на СВР Струмица, бев информиран за безбедносната состојба на подрачјето, која е поволна.

Го нагласив и поздравив фактот што на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Струмица во првата половина од 2023 година се расчистени 5 од вкупно пријавени 6 кривични дела „разбојништво“ , со што е постигната ефикасност од 83 %, а се бележи намалување на пријавените кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“ споредбено со првите шест месеци од 2022 година. Во овој дел беше потенцирано дека покрај намалувањето на бројот на пријавени тешки кражби и кражби се бележи зголемување на ефикасноста во откривање на сторителите, споредбено со истиот период лани. Имено, кај кривичните дела кражба ефикасноста е зголемена за 25%.

Посебно беше потенцирана работата на СВР Струмица во рамки на недозволената трговија со дрога, каде што во првите 6 месеци од 2023 година поднесени се 21 кривична пријава против 22 сторители при што се запленети поголемо количество марихуана, растенија канабис, амфетамин, таблетки МДМА и др.

Работата во областа на недозволената трговија и оружје беше нагласена и за периодот од почетокот на кампањата „Безбедно лето 2023“. Имено, од почетокот на јули на подрачјето на секторот се регистрирани 30 случаи, во кои при претрес на домови и прегледи на лица и возила се одземени разновидна опојна дрога и 7 парчиња оружје, 27 парчиња муниција и пиротехнички средства.

Покрај ова, во рамки на посебна оперативна акција, на подрачје на СВР Струмица во првата половина на 2023 година се одземени 80.7 м/3 бесправно исечени огревни дрва, споредбено со истиот период во 2022 година, при што евидентирано е зголемување за 26.15 %.

Ефикасноста во спречување на бесправната сеча, превоз и продажба на огревни дрва беше потенцирана и на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Радовиш.