КОВАЧЕВСКИ : СЕ ЗАДРЖУВА ПРИМАРНАТА УСТАВОТВОРНОСТ И СЕ ГАРАНТИРА ПОСЕБНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

0
408
Во своето обраќање на седницата на Комисијата за уставни прашања, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски посочи дека со предложените измени на Уставот се задржува примарната уставотворност и се гарантира посебноста на македонскиот народ.
„Со тоа што во Уставот е посочено на македонски народ и делови од народи, со овој предлог се додаваат во продолжение другите делови од народи, недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на македонскиот народ од другите народи, вклучувајки го во овој контекст и бугарскиот народ.“ посочи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски потсети дека по 17 години од добиениот кандидатски статус, во јули, минатата година, конечно ги отворивме преговорите, со таква мудра политичка одлука, што овозможи да го почнеме скрининг процесот, којшто успешно се одвива.
При тоа, додаде тој, македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка, потпишан е првиот договор со Европската комисија, за гранично управување – ФРОНТЕКС, на македонски јазик, без ѕвездички или фусноти, рамноправно со други официјални јазици на ЕУ, со што македонскиот јазик го втемеливме и забетониравме и во европското законодавство.
Ковачевски посочи дека периодот што претстои е момент за нова, јасна и консензуална државничка одлука и решенија.

„Ние не смееме да ја пропуштиме оваа шанса за Европа, оваа шанса да ја однесеме државата во ЕУ и да донесеме европски квалитет на живот дома“ заклучи претседателот Ковачевски во Собранието.