БОЧВАРСКИ : ЗАПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЛОКАЛНИОТ ПАТ ЈОСИФОВО – КАЛКОВО, ПРОДОЛЖУВАМЕ СО ПОДДРШКАТА НА ЛОКАЛНИТЕ САМОУПРАВИ

0
391

Министерството за транспорт и врски продолжува активно и во континуитет да дава поддршка на општините преку проекти со кои ја подобруваме и развиваме патната мрежа и ја подигнуваме безбедноста при патувањето.

Со Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта вбризгуваме неповратни средства во локалните самоуправи со што значително го подобруваме урбаното живеење. До сега реконструиравме преку 90 локални улици и патишта во 46 општини.

Министерот за транспорт и врски, Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Валандово каде со градоначалникот Костадинов поразговараа за проектите кои се реализираат со поддршка од централната власт, а го означија и почетокот на градежните активности за рехабилитација на локалниот пат Јосифово – Калково.

„Министерството за транспорт и врски дава силна поддршка на општините. Во општина Валандово вложуваме скоро 700 илјади евра преку Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта. Денеска започнуваме со рехабилитацијата на локалниот пат кој ги поврзува населените места Јосифово и Калково, чија инвестиција изнесува 8,7 милиони денари и со што решаваме големо прашање за локалното население.“ – изјави министерот Бочварски.