ГОШЕВ СО ФЕЉТОН ВО ПЛУСИНФО : ЉУБЧО СОНУВАШЕ КОНФЕДЕРАЦИЈА СО БУГАРИЈА И СО ГРЦИЈА, БРАНКО ВЕРУВАШЕ ВО ЈУГОСЛАВИЈА, А ГЛИГОРОВ МАТЕШЕ СО ИЗЕТБЕГОВИЌ

0
584

По влегувањето на Глигоров во претседателскиот кабинет, веќе никој не го спомнуваше цитираниот ставот „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“ , кој беше важен дел од политиката на СКМ-ПДП и како што потсетивме, впишан во програмата   за изборите во 1990 година. Глигоров одлучи да му даде дополнително време на „времето“. Наместо одлука за придружување кон одлуките на Словенија и на Хрватска и интензивна подготовка за самостојниот  живот на Македонија, тој беше прилично преокупиран со активности за спасување на Југославија.

По завршувањето на првите парламентарни избори, водевме мачни преговори за конституирање на државните органи. Компромис по компромис, со премногу водење сметка за галамџиите во јавноста, но не и со здрав, нужен, темелен, компромис со партиите што ги претставуваа Албанците. На крајот во власта влегоа голем број луѓе без политичка и без изборна легитимација. Ако не се смета нивниот труд во тајните мешетарења зад јавната сцена.

Уште на 8 јануари, денот на конституирањето на првиот повеќепартиски парламент, се виде дека чекорите кон осамостојување на Македонија нема да одат лесно, дури и да беше уште појасно дека од Југославија веќе нема ништо. Иако и дотогаш беше прилично јасно. Заглавивме, срамно, на пример, на прашањето на химните: левиот блок бараше да се отсвири само југословенската, десниот само македонската.

Левите пратеници не сакаа да се интонира македонската химна

Од десниот блок не бев изненаден. Добар дел од нивното раководство (и околу него) беше од оние кои веруваа дека Југославија била зло за Македонија. Едни, зашто некој ги уверил дека без неа „ќе била цела од три дела“, други (од притаените) зашто можеби ќе била во големото бугарско царство. Од левите не бев изненаден што инсистираа да се свири југословенската химна: сите бевме  приврзаници на таа идеја, повеќето родени во неа, сите бевме (кој повеќе, кој помалку) членови на  комунистичката партија, државата официјално сѐ уште постоеше – без изненаден што бараа да не се свири и македонската химна.

Не можев да поверувам дека Андовите пратеници тој став го имаат зашто нивниот главен шеф беше Анте Марковиќ, еден од амбицираните  наследници на Тито. Уште помалку, зашто добар дел од мојата пратеничка група го  бараше истото, кога и оние од Андов и од мојата партија, со децении им стоеле мирно на двете химни. За инает на другите, во период кога зборуваме за можното целосно осамостојување на Републиката?На паузата, малку се вмешав. Им предложив на колегите од мојата пратеничка група  (СДСМ) да прифатиме да бидат интонирани двете химни. И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за време на паузата, малку се оладиле, па така, почетната лакрдија на конститутивната седница  заврши со исполнување на двете химни.

Веќе на една од следните седници, ВМРО-ДПМНЕ бараше Собранието да усвои декларација за осамостојување на Македонија. За левиот блок (поточно за неговиот државно-инаугуриран врв), тоа беше прерано, а за некои во него – чудно што тоа воопшто се бара. За амортизација на тоа барање и за добивање во време, од левиот блок беше подготвена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, што беше усвоена на 25 јануари 1991 година. Таа, всушност, го потврдуваше тоа што веќе го имавме со Уставот на Југославија и со Уставот на СРМ, но со додавка, слична на содржината на цитираниот член 135 од новиот Устав на Србија: „Уставот на СФРЈ, сојузните закони и другите сојузни прописи и општи акти ќе се применуваат на територијата на СРМ доколку не се во спротивност на Уставот на СРМ, републичките закони и одлуките на Собранието“.

Значи, Србите со устав ја конфедерализираа Југославија, пред тоа во декември 1989 година, Словенците со ист акт; двете републики без да се  договараат со кого било. Ние тоа го искажавме со една бенигна декларација. Независно кој што мислеше, декларацијата ја усвоивме со акламација. Сите што чекаа бродот (Југославија) што тоне повторно да се подигне на површината, добија во време, другите коишто брзаа со осамостојувањето, добија една мала отстапка од „сомнителните“ комунисти.

Дуелот меѓу Георгиевски и Црвенковски: ќе се распадне ли Југославија?

На една од седниците (мислам, крајот на јануари 1991 година), на којашто Љубчо Георгиевски беше кандидиран за потпретседател на претседателот на Републиката, имаше интересен дуел помеѓу него и Бранко Црвенковски – веќе сигурниот нареден претседател на СКМ-ПДП, односно СДСМ). Првиот, зборувајќи за осамостојувањето, рече: „Југославија сигурно ќе се распадне, но сама Македонија тешко ќе може да остане независна. Можеби за неа е најдобро да влезе во конфедерација со Бугарија и со Грција“. Вториот веднаш како оса му  одговори: „Југославија нема никогаш да се распадне. Цело време во расправите во Собранието, дури и до крајот на животот, ќе те потсетувам на овие твои бесмислени тврдења дека Југославија ќе се распадне“.

Од првиот не бев изненаден. Дури и да немаше факти (а имаше веќе многу), тоа ќе го кажеше. Уверувањето за нашата „сЪштост“ со Бугарите, што и денес не го напушта, го туркаше кон тоа. И тој е од оние, што веруваа(т) дека Југославија била зло за Македонија.

Од вториот, да, бев изненаден! Зашто, опцијата за распаѓање на Југославија беше евидентна, а освен тоа третирана во изборната програма на СКМ-ПДП (1990 година) и во одговорот што Република Македонија треба да го има на тоа, а тој  беше дел од тоа раководство. Згора на тоа, секој ден таа опција стануваше сѐ поверојатна, а во јануари 1991 година многу, многу поочигледна, отколку во есента 1990 година, кога ја објавивме изборната програма. Но, дозволено е и wishful thinking, ако од таквиот не се очекува навреме да презема мерки во име на државата.

Лагата на Стојан Андов и кафеанскиот „фронт“ на Блаже Ристовски и Глигоров

Можеби господинот Стојан Андов од такви секвенци добил инспирација да напише (Фокус, 8/4/2021) дека на конгресот на СКМ-ПДП, на кој партијата ја преименувавме во СДСМ (а јас сѐ уште претседавав во својство на претседател, пред да се изврши изборот на новите органи и на новиот претседател, како последна точка) наводно била донесена кекларација, во која, наводно, било запишано дека „СДСМ не прифаќа раздружување од Југославија“ и дека „не прифаќа ниту евентуално барање за распишување референдум за осамостојување од Југославија“. Се разбира, ноторна невистина.

Како многу други и како и онаа (непозната за јавноста, впишана во  биографиите) дека во февруари 1990 година Киро Глигоров и Блаже Ристовски формирале некаков „Национален фронт за подготовка на национална програма на Македонија“ ((односно првиот му се приклучил), за што изворно знам за што се работи и од самиот Глигоров. Имено, неколку пати, во просториите на МАНУ, академиците Георги Старделов и Блаже Ристовски, Глигоров, можеби уште некој, си направиле кафе-муабет дека треба да се подготви некоја национална програма на Македонија. Но, како што кај нас бива, целата работа завршила со испиените кафиња. Без јавно обзнанување на било што, без напишана една реченица – но со бесрамно впишување во кариерните достигнувања на двајцата, како што имав прилика да прочитам.

Овие неколку работи ги спомнувам само малку да доловам како „фуриозно“ (и „темелно“) тргнавме во осамостојувањето на Македонија. Како се подготвуваме за тој чин. Колку позата е поважна од дозата труд и посветеност за креирање место во историјата.

ОВА Е ТЕКСТ ЗА НАШАТА „КУЛТУРА НА МАМЕЊЕ“. ПОСЕБНО ВО МОМЕНТИ КОИ СЛОБОДНО МОЖЕ ДА ГИ НАРЕЧЕМЕ „СООЧУВАЊА СО ИСТОРИЈАТА“. ЗА УПОРНОСТА НА НАШИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАСТА, СЕКОГАШ НА СВОЈОТ НАРОД ДА МУ „СКРОЈАТ КАПА“, СПОРЕД СОПСТВЕНАТА, А НЕ СПОРЕД НЕГОВАТА ГЛАВА. СЕКОГАШ „ЛАГАТА ДА БЛЕСНЕ ПОСИЛНО ОД ВИСТИНАТА“. ПРИТОА, ЌЕ СЕ ОБИДАМ ТОА ДА БИДЕ ШТО ПОВЕЌЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО ГЕСЛОТО НА ОГИСТ КОНТ (AUGUSTE COMPTE): „НИШТО НЕ ПРЕТПОСТАВУВАМ, НИШТО НЕ ПРЕДЛАГАМ, ЈАС ИЗЛОЖУВАМ“, ШТО, ПРИЗНАВАМ, ВООПШТО НЕ Е ЛЕСНО. ПА, АКО ПОКАЖАМ НЕДОСЛЕДНОСТ ВО ТАА СМИСЛА, ОДНАПРЕД СЕ ИЗВИНУВАМ. АВТОРОТ

Исчезна ветувањето: „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“ 

По влегувањето на Глигоров во претседателскиот кабинет, веќе никој не го спомнуваше цитираниот ставот „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“ , кој беше важен дел од политиката на СКМ-ПДП и како што потсетивме, впишан во програмата   за изборите во 1990 година. Притоа, не мислам на ВМРО-ДПМНЕ, кои од почетокот бараа радикална и брза одлука, ниту на другите од левиот блок, зашто тоа никогаш и не го спомнувале. Зошто? Зашто фактичката состојба на теренот го имаше испорачано наведениот услов, но некому, очигледно веќе не му бил доволен.

Иако, со редицата настани што погоре беа изложени, уште во јануари 1991 година, не една, туку сите три стожерни републики на Југославија (Словенија, Србија, Хрватска) – која де јуре, која де факто, а некоја од нив и според едното и другото – веќе ја имаа отпишано Југославија. Како што рековме погоре, Словенците одлуката на референдум ја донесоа уште на 23 декември 1990 година, само 10 месеци по распаѓачкиот конгрес на СКЈ. Србите, без референдум, но со усвојување нов републички устав, само 5 месеци по тој конгрес (2 јули, 1990 година), со кој го суспендираа Уставот на СФРЈ (член 135). Фрањо Туѓман, најрадикалниот против Југославија, анатемата врз Југославија ја фрли уште пред победата на парламентарните избори, по неа веднаш почна подготовки за „раздружување“, но формалниот чин (со референдум) го стори 6 месеци по Словенија, на 19 мај 1991 година. Во Хрватска ситуацијата беше многу посложена и му беше важен секој ден да се подготви за неизбежната војна со Србите.

Глигоров, во тој период „алфа и омега“, одлучи да му даде дополнително време на „времето“. Наместо одлука за придружување кон одлуките на Словенија и на Хрватска и интензивна подготовка за самостојниот  живот на Македонија, тој беше прилично преокупиран со активности за спасување на Југославија. Меѓу другото, со Алија Изетбеговиќ, претседателот на БиХ, ја подготвија, според нив именуваната платформа за некој вид асоцијација која нема да има назив ни „федерација“ ни „конфедерација“. Таа платформа беше фина „читанка“, изгледаше дека е зготвена со добра намера. Во дискусијата во нашиот парламент, тоа го констатирав. Но, истовремено и дека таа е прилично зад настаните на теренот. Подоцна ќе разбереме уште нешто во врска со таа платформа. Но, на тоа ќе се задржиме подооцна. Дека тој обид за „спасување“ на Југославија беше „зад настаните на теренот“, мал милион пати изјави и словенечкиот претседател Милан Кучан, велејќи: „Словенија одлучи (уште во декември 1990), нема назад. Ќе биде самостојна држава и членка на ЕУ“. А тоа значеше дека веќе и за нив не беше прифатлива опцијата конфедерација.

Многубројните вонинституционални средби на претседателите на шесте републики, за наводно изнаоѓање прифатлива формула за задржување некој вид на Југославија, за разлика од нас, наведената „тројка“ ги користеше за добивање време во процесот на легитимирање, за легализирање и за практично остварување на нивната целосна независност. Словенија да го заокружи системот, Хрватска и тоа и да се подготви за војната. Србија, пак, како да го изведе и оправда нејзиното планирано територијално проширување. Опозицијата го критикуваше Глигоровото одолговлекување. Сомничеше дека нѐ води во друга насока. „Неговите“ го прифаќаа секое негово образложение за тоа зошто не треба да се брза. А му веруваше и мнозинството од јавноста.

(Во следното продолжение: Додека Милошевиќ ја ограбуваше Македонија со безвредните српски динари, Глигоров беше против воведување македонска валута)