КОСТАДИНОВСКА : ЕНОРМНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ИМОТ-НОВ УДАР ВРЗ ЏЕБОТ НА ПРИЛЕПЧАНИ И НИВНО БЕЗМИЛОСНО ПЉАЧКАЊЕ ОД СТРАНА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ

0
623

Пресконференција на претседателката на Форум на жени при ОО на СДСМ Прилеп, Оливера Костадиновска.

Почитувани,

Безмилосното пљачкање на граѓаните на Прилеп во режија на ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески, продолжува со несмален интензитет.

После поскапувањето на комуналните услуги, паркингот и градскиот превоз, сега прилепчани ќе плаќаат и драстично повисок данок на имот.

Заради нетранспарентностa на градоначалникот и локалната самоуправа, граѓаните сеуште немаат точна информација колку длабоко локалната власт ќе буричне во нивните џебови. Но и покрај невештиот обид да ја манипулираат јавноста, јасно е дека поскапувањето на данокот за куќи, станови и земјиште ќе биде драматично.

Од малкуте решенија кои досега се доставени до граѓаните на општина Прилеп, може да се види дека зголемувањето на данокот на имот се движи од 60, до фантастични 300 отсто! Иако постојат одредени најави дека ни тоа не е плафонот и дека решенијата кои ќе стигнат на домашна адреса на многумина наши сограѓани, ќе бидат и до 5 пати повисоки во однос на минатогодишните. Она што е подеднакво трагично со новиот арач, е леснотијата со која ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески го кршат законот.

Имено, Законот за даноци на имот вели дека, цитирам, Градоначалникот на општината донесува решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината за која се утврдува данокот. Меѓутоа денес, на 3 месеци пред крајот на 2023 година, благодарение на неспобноста на Јовчески, решенијата со утврдениот данок ги добиле само 20 отсто од даночните обврзници во нашата општина.

Заради свесното непочитување на законите, за градоначалникот и надлежните во прилепската локална самоуправа мора да следува соодветна санкција од правосудните органи.

Почитувани,

Оправданиот револт на прилепчани од енормното зголемување на данокот е исто толку голем, колку што е големо и лицемерието на ДПМНЕ. Начинот на кој партијата на Мицкоски и градоначалникот Јовчески раководат со Општина Прилеп, со јавните комунални претпријатија и останатите општински институции, покажува дека наводната грижа за стандардот на граѓаните е чиста хипокризија.

Прилепчани повеќе немаат дилема дека сопствениот џеб е единственото нешто за кое се грижат локалните моќници на ВМРО-ДПМНЕ. Се’ освен тоа, е надвор од сферата на нивниот интерес.

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп