ЗА НЕПРОПИСНИОТ УВОЗ НА МАЗУТ КАЗНЕТИ СЕ 7 ФИРМИ, ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ: ДОНЕСЕНИ СЕ И РЕШЕНИЈА ЗА ЗАБРАНА ЗА РАБОТА И ОДЗЕМАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИ

0
1034

“На седум компании им се изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55 510 евра, а изречени се и решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците, по направената анализа на државните институции кај дел од компаниите увознички на мазут” – соопштија вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски и министерот за економија, Крешник Бектеши.

“Вонредните контроли на увозот на мазут доаѓаат по истражувањето на ИРЛ за увозот на мазут. Кај компанијата Евротим, која беше предмет на истражувањето на ИРЛ, се констатирани неправилности и ѝ е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут, откако е утврдено дека увезениот мазут бил со вредности кои не одговараат со Правилникот за квалитет на течни горива” – рекоа на заедничката прес-конференција Николовски и Бектеши.

Компанијата Блу Технолоџи продавала мазут ППД кој што не е деклариран во Правилникот и на оваа компанија исто така ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. Кај компанијата Санс АГ е утврдено производство на мазут од отпадни гуми и на неа ѝ е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола.

Прекршочни казни се изречени против седум компании и тоа РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи и Ка-оил Енерџи Кавадарци, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.