СЕ ЗАСИЛУВА КАМПАЊАТА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА И ЗА ПОМЛАДИТЕ ОД 40 ГОДИНИ, МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: НЕ ИЗЛОЖУВАЈТЕ СЕ НА ВИСОК РИЗИК ОД ИНФЕКЦИЈА СО ДЕЛТА ВАРИЈАНТАТА, ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ БЕЗ ОДЛОЖУВАЊЕ

0
1007

Министерството за здравство денеска соопшти дека се повеќе млади развиваат тешка клиничка слика од Ковид-19 и апелира младите да се вакцинираат.

“Недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени” – се вели во соопштението од МЗ.

Се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има се’ повеќе млади лица кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот. Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што за жал, е причина за сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

“Здравствените работници во светски рамки се едногласни дека масовното ширење на делта варијантата и големиот број на инфицирани можат да се стават под контрола доколку процентот на вакцинирано население се зголеми, особено меѓу младата популација кадешто трансмисијата на вирусот е најголема. Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата” – се вели во соопштението од Министерството за здравство.