ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЈА ДОСТАВИ ОСТАВКАТА ВО СОБРАНИЕТО: СО МОЈАТА ОСТАВКА ЈА ПРЕЗЕМАМ ОДГОВОРНОСТА ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ТРЕБА ДА ГИ ОСВЕЖИМЕ И ЗАЈАКНЕМЕ ПРОГРЕСИВНИТЕ СИЛИ И ДА ГО РАЗВИВАМЕ ЗАПАДНОЕВРОПСКИОТ КОНЦЕПТ

0
995

Премиерот Зоран Заев денес ја достави оставката до Собранието, како што и беше најавено. Одлуката е логичен чекор по локалните избори и е сигнал за преземање одговорност за изборните резултати.

“Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично  да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата.

Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја.

Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западноевропска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Северна Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ” – наведе Заев.