(ВИДЕО) Тевдовски: Програмата на новата Влада носи добар животен стандард за сите граѓaни, Иванов да не одолговлекува!

0
954

Прес конференција,
Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ
Скопје, 12.03.3017

Почитувани,

Главен фокус во Програмата за работа на Владата на Република Македонија во периодот 2017 – 2020 година е економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните.

Програмата содржи нов пристап за развој на македонската економија која се темели на три елементи: поддршка за домашните претпријатија, раст на платите и социјална праведност.

Државната поддршка за поттикнување на домашните претпријатија, пред сѐ малите и средни претпријатија, ќе биде многукратно зголемена и ќе биде поставена на 20 милиони евра уште во првата година на мандатот. Ќе бидат помогнати инвестиционите проекти на домашните претпријатија, но и ќе се отворат деловни старт-ап центри во сите поголеми општини и ќе се оснива фонд за вложување во старт-ап и мали и средни претпријатија. Преку активните мерки за вработување ќе се влијае на вработување на 16 илјади лица годишно во приватниот сектор. Деловната клима ќе се ослободи од политички притисоци и репресии. Ќе се воведе јавен регистер на инспекциски контроли, со цел елиминирање на субјективноста и јавноста да има целосен увид. Институциите задолжително ќе објавуваваат упатства за примена на законите во нивната област. А, Владата во првите 100 дена ќе го објави вкупниот износ на сите акумулирани доспеани обврски на државата и ќе изработи план за нивно плаќање со јасни рокови.

Македонија мора да излезе од мизерно ниското ниво на плати. Програмата содржи мерки кои ќе прават притисок платите да растат. Државата ќе стимулира отворање на подобро платени работни места. Малите и средни претпријатија за отворање на ново работно место ќе добиваат еднократна финансиска поддршка помеѓу 72.000 и 162.000 илјади денари, под услов на лицето да му исплаќаат бруто плата повисока од просечната во минатата година во период од 12 месеци. Во првата година на мандатот, минималната плата ќе се зголеми на 12 илјади денари и таа ќе важи и за индустријата за текстил, облека и кожа. А, реформата во образовниот систем ќе овозможи раст на платите на долг рок. Растот на платите ќе прави притисок да се зголемува продуктивноста во економијата.

Развојот на економијата не може да обезбеди подигнување на животниот стандард на мнозинството на граѓани, ако неговите плодови се неправедно распределени.
Владата има за цел постепено да внесува праведност во двата клучни механизми за редистрибуција на доходот во општеството – даночниот и социјалниот систем. Промените во даноците и социјалните трансфери ќе бидат воведувани паралелно со подобрувањето на ефикасноста на институциите.

Првиот чекор во подобрување на ефикасноста на институциите е обезбедување на целосна фискална транспарентност. Таа претставува и клучен приоритет во работата на Владата во првата година на мандатот. Сите буџетски корисници, фондови и јавни претпријатија не само што ќе мораат да ги имаат објавено завршните сметки на своите веб-страници, туку уште повеќе, ќе мораат да доставуваат до Министерството за финансии детални месечни извештаи за трошењето на доделените пари од буџетот, заедно со обврските што ги превзеле, а не ги платиле. Овие податоци, со помош на платформа за пребарување, ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за финансии, со цел граѓаните да бидат контролори ако се прават злоупотреби.

Новиот пристап во економијата ќе ги раздвижи оние моќни сили кои ја движат економијата, кои Кејнз ги нарекува animal spirits (животни енергии). Тие чекаат да бидат пробудени. Македонија може! Затоа не треба да се губи време, неопходно е Ѓорге Иванов да го додели мандатот за составување Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за што поскоро новата Влада да започне да ја реализира Програмата за живот.