НАШИОТ ПАТ КОН ЕУ БЕШЕ НЕПРАВЕДНО БЛОКИРАН, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ СО ПОРАКА ЗА БУГАРИЈА: ЌЕ ГИ БРАНИМЕ НАШИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ И НЕ СМЕ ПРЕОКУПИРАНИ СО ТОА КОГА ЌЕ СЕ СООЧИТЕ СО ВИСТИНАТА ЗА НАС

0
631

Претседателот Стево Пендаровски смета дека за спорот со Бугарија сега не треба да се брза, затоа што пред тој предизвик, брзањето не ни е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, треба да се работи на клучните реформи од кои што зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

Тој истакна дека ова статус-кво нема да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И да потрае оваа ситуација, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација и покрај разните нон-пејпери досега.

“Откако нашиот пат кон ЕУ беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани” –  изјави претседателот Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.