ПО 12 ГОДИНИ ВЛАСТ НЕТАНЈАХУ ЗАМИНУВА ВО ОПОЗИЦИЈА: ИЗГЛАСАН БЕНЕТ ЗА НОВ ПРЕМИЕР СО САМО ЕДЕН ПРАТЕНИЧКИ ГЛАС ПОВЕЌЕ

0
904

Израелскиот Кнесет ја одобри новата коалициска влада со која досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху беше испратен во опозиција по рекордни 12 години на функцијата и политичка криза што предизвика 4 изборни циклуси за 2 години.

По 12 години непрекината власт конечно дојде крајот на ерата на Нетанјаху. На власт стапи шаренолика коалиција од 8 партии, составена од ултрадесничари, центристи, левичари и една мала арапска партија.

Нафтали Бенет положи заклетва како премиер по тесното гласање 60-59 во Кнесетот. Пред себе ќе има многу тешка задача за да ја одржи коалицијата на власт.

Осумте партии вклучително и мала арапска фракција која прави историја со тоа што седи во владејачката коалиција, се обединети во своето спротивставување на Нетанјаху и на новите избори, но се согласуваат за малку работи. Тие ќе имаат скромна агенда која ќе се обидува да ги намали тензиите со Палестинците и истовремено да одржува добри односи со САД.

Нетанјаху седеше тивко за време на гласањето. Откако коалицијата беше изгласана, тој стана да ја напушти салата и се ракуваше со Бенет. Очајниот Нетанјаху со црна маска на лицето, за кратко седна на столчето наменето за опозициски лидер пред да излезе надвор.