ОВИЕ ПОЛИТИЧКИ ИГРИ ПРЕД ИЗБОРИТЕ СЕ НА ШТЕТА И НА НАШИТЕ ВРАБОТЕНИ, АПИС: ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА ЌЕ ГО ПОТТИКНЕ НЕЛЕГАЛНОТО ОБЛОЖУВАЊЕ И ТАКА ДРЖАВАТА ЌЕ ЗАГУБИ ОГРОМНИ ПРИХОДИ

0
1138

“Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа, кој Министерството за финансии и’ го предлага на Владата има за цел затворање на индустријата на игри на среќа” – оценуваат во соопштение од Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа (АПИС). Дополнуваат дека измените содржат дискриминаторски, противуставни одредби кои предвидуваат ретроактивно дејство за веќе завршена правно-финансиска работа.

Од АПИС информираат дека ако Владата и Собранието инсистираат по секоја цена да протуркаат вакви измени, ќе треба да преземат одговорност за тоа што речиси 10 илјади луѓе ќе останат без своите работни места и тие како асоцијација ќе бидат принудени да ја тужат државата за надомест на штета што ќе предизвика многу сериозни финансиски импликации по буџетот.

“Малолетниците пешачејќи или превезувајќи се до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе мора да поминуваат покрај објектите каде што се организираат игри на среќа. Тврдењата дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите ги привлекуваат малолетниците и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, се гол популизам кој нема врска со реалноста. Тогаш по истата логика и со истите аргументи, Владата и Собранието треба да ги дистанцираат сите кафулиња, кафеани и тобака за да малолетниците се заштитат од алкохол и цигари. Земајќи ја предвид постоечката урбанизација, одредено дистанцирање од едно училиште, ќе го приближи автомат клубот или обложувалницата до друго училиште. Овој целосно промашен концепт ќе затвори легален економски сектор и ќе предизвикаат отворање на подрумски простории каде ќе се игра на црно, како што беше со децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци” – стои во соопштението.