СРБИТЕ СИ ПУКАА СО САЧМАРКА ВО ЗДРАВА НОГА – ДОДИЌ ГИ ПРЕКИНУВА ОДНОСИТЕ СО АМБАСАДИТЕ НА САД И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА : НИ СЕ МЕШААТ ВО РАБОТИТЕ

0
386

Милорад Додик

Милорад Додик / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Владата на Република Српска во четвртокот донесе одлука за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија во Босна и Херцеговина, на што американската страна веднаш одговори со порака дека ентитетот тргнал по „опасен пат“.

Прекин на соработката со американските и британските дипломати во Босна и Херцеговина, претходно најави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017 и од 2022 година, откако Вашингтон и Лондон одлучија да го санкционираат обвинувајќи го за „сецесионистичка реторика, поткопување на Дејтонскиот договор и корупција“.

Оттогаш Додик е во постојана вербална „војна“ со дипломатските претставници на овие две влијателни западни земји, а сега ги наведе властите на Република Српска да донесат одлука да ја прекинат комуникацијата со нив под обвинение дека се мешаат во внатрешните работи на БиХ. Претседателот на РС претходно денеска се закани дека Република Српска ќе прогласи независност доколку високиот меѓународен претставник во БиХ, Кристијан Шмит, го наметне законот за имот.

„Владата ќе ги информира надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на владата на ентитетот кое го објави во четвртокот со образложение дека оваа одлука ги обврзува и политичарите од Република Српска кои се функционери на државно ниво на БиХ.