НАСЛЕДЕНИОТ ДОГОВОР НА ТРАМП СО ТАЛИБАНЦИТЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА ОТКАКО АЛ КАЕДА Е УНИШТЕНА ВО АВГАНИСТАН, БАЈДЕН: НАШИТЕ СИЛИ БЕА ЗАШТИТЕНИ СО ТОЈ ДОГОВОР ДО ПРВИ МАЈ, А ПОТОА ЌЕ ТРЕБАШЕ ИЛИ ОДНОВО ДА СЕ ПРЕГОВАРА ИЛИ ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ВОЈУВАМЕ

0
1030

Брзиот пад на авганистанската влада на Ашраф Гани, влегувањето на Талибанците во Кабул, хаотичните сцени на меѓународниот аеродром, како и критиките на домашната политичка сцена, му извршија доволно силен притисок на претседателот Бајден за да излезе со нова изјава пред јавноста.

Минатиот вторник тој ја бранеше својата одлука да ги повлече војниците од Авганистан и да се потпре на авганистанската армија кога рече дека таа има сила да се одбрани од Талибанците. Но место уредно повлекување до први септември, целиот процес стана хаотичен поради брзото напредување на Талибанците кон Кабул.

“Мојот тим и јас ја следиме ситуацијата во Авганистан и ги планираме сите можности, вклучувајќи го и брзиот колапс што се случува сега. Но прво сакам да ве потсетам како дојде до ова. Отидовме во Авганистан пред 20 години со јасна цел да ги фатиме извршителите на нападите на 11 септември. Тоа го направивме. Ја уништивме Ал Каеда во Авганистан. Не сакавме да градиме нација во Авганистан. Нашата цел останува она што беше и претходно – да спречиме терористички напад врз нашата татковина. Денес терористичката закана метастазираше надвор од границите на Авганистан. ИСИЛ се обиде да создаде калифат во Сирија и во Ирак. Тие закани го истрошија нашето внимание и нашите ресурси” – рече американскиот претседател Бајден.

“Кога ја преземав претседателската функција, го наследив договорот што Доналд Трамп го склучи со Талибанците. Нашите сили во Авганистан се намалија од 15 000 на 2500. Талибанците беа најсилни од 2001 година. Мојот избор беше или да ги почитувам тие преговори или да влезам во војна со Талибанците. Немаше договор за заштита на нашите сили по 1 мај. Остана само студена реалност: или да ги повлечеме нашите сили или да го заостриме конфликтот и да испратиме илјадници американски војници. Јас стојам на мојата одлука. По 20 години научив на потешкиот начин дека нема добро време за повлекување на американските сили. Ризиците ни беа јасни, планиравме за секоја можност, но вистината е дека ова се разви побрзо отколку што очекувавме. Што се случи? Авганистанските лидери избегаа од земјата, а нивната армија колабираше” – рече претседателот Бајден.

“Американците нема да гинат во војна во која Авганистанците не се подготвени да се борат. Авганистанската војска имаше 300 000 луѓе, им го дадовме секое оружје што можевме, им ги исплаќавме платите. Ги поддржавме од воздух. Им ја дадовме секоја шанса, но не можевме да им дадеме волја за борба. Кина и Русија не би сакале ништо повеќе отколку да продолжиме да трошиме милијарди долари во Авганистан. Кога го пречекав авганистанскиот претседател во Белата куќа, разговаравме искрено. Разговаравме за тоа дали нивната војска е подготвена да се бори во граѓанска војна кога ќе заминеме, дали нивната влада е подготвена да се бори против корупцијата. Тие не направија ништо од тоа. Господинот Гани ме уверуваше дека нивната војска ќе се бори” – рече Бајден.