(ВИДЕО) Ариф: Потребни се подготовки за подолг престој на бегалците

0
1410

Прифатните центри во Гевгелија и во Табановце се изградени со идеја луѓето да се задржуваат таму само по неколку часа, но ние не сме подготвени ако поради некакви причини треба да останат два или три дена, вели претставникот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, Мохамед Ариф, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Какви се вашите проценки околу развојот на настаните со мигрантската криза во земјава?

Во моментов јас би рекол дека ние сè уште примаме бегалци од Грција и иако бројот е намален, како што очекувавме летоска дека зимата ќе донесе помал број, во просек дневно минуваат од 1500 до 2000 луѓе низ земјава и ние сега со поддршка од Владата и сите други партнери од ОН и невладините партнери и граѓанскиот сектор успеавме да го поставиме прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија каде што се примаат бегалци кои доаѓаат од Грција и продолжуваат да се движат. Пунктот за помош на бегалци во Табановце исто така функционира многу добро, и двата центри се подготвени за зимски услови, објектите, инфраструктурата, се поставени и овозможуваат на големиот број на бегалци коишто минуваат низ нив, достоинствен и хуман престој и иако престојот е кус, работиме на ова заедно со Владата и со меѓународните организации и организациите оттука.