ЧЕКОР ВО ВИСТИНСКА НАСОКА, ЗА 50% ЌЕ СЕ КРАТИ БРОЈОТ НА ЧЛЕНОВИ ВО НАДЗОРНИТЕ И УПРАВНИТЕ ОДБОРИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА, БЕКТЕШИ: НОВИТЕ ЧЛЕНОВИ ЌЕ СЕ ИЗБИРААТ ВО ТРАНСПАРЕНТНА ПОСТАПКА СО ИСПОЛНУВАЊЕ НА НЕОПХОДНИ КРИТЕРИУМИ

0
1125

Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој што ќе се намали бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија и за прв пат се предвидува нови кадри да се избираат преку јавен повик.

“Согласно новото законско решение, бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15 на 7 членови, односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови” – објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Измените треба да го подобрат изборот на кадри за тие позиции како и да воведат ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.

Ќе се воспостави транспарентност при постапката за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија со запазување на мерит процедури при селекцијата и именувањето.

За првпат станува законска обврска, објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија да биде тоа на вебстраниците на Владата, односно општината или Градот Скопје и на вебстраницата на самото јавно претпријатие 3 месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.