КУМАНОВО ЌЕ НАПРАВИ НОВИ БУШОТИНИ ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ВОДА ЗА ПОЖАРНИКАРИТЕ, МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: ПО ГАСЕЊЕТО НА ПОЖАРИТЕ ВО КУМАНОВО, СЕ ДОКУМЕНТИРААТ ШТЕТИТЕ И ЌЕ СЕ ИСПРАТАТ ЗАПИСНИЦИ ДО ВЛАДАТА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ

0
790

“Општина Куманово ќе определи локации за нови бушотини за вода кои ќе им користат на пожарникарите” – најави градоначалникот Максим Димитриевски по завршувањето на 88-та седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Ќе се формира тричлена комисија од претставници од ТППЕ Куманово, ЈП Водовод и Чистота и зеленило, треба да извршат увид и да одредат потенцијални локации на територија на општина Куманово за изведба на бушотини за снабдување со вода за полнење на возила на ТППЕ за гасење на пожари и изградба на хидранти.

Градоначалникот треба да спроведе итна постапка за изведба и опремување на бушотините. Во минатата недела во Куманово се регистрирани 60 пожари, во четвртокот имало 15 интервенции во еден ден, а помош била побарана и од централниот кризен штаб, по што помош пристигнала и од Кавадарци и Велес.

Сега во кумановско нема ниту еден пожар и општината може да им помогне и на другите општини во државата. Општинската комисија за проценка на штети е на терен и ја констатира состојбата со оштетувањата на имотите на граѓаните.

Проценката на штетите од пожарите се спроведува со поддршка на ТППЕ Куманово, која дава информации за пожарите, се оди на лице место и се фотодокументира.

“Откако ќе ги направиме тие проценки, ќе ги упатиме сите записници до Владата каде што треба да се донесе одлука за обесштетување на граѓаните, бидејќи факт е дека имаме веќе дефинирана кризна состојба. Согласно законот, Владата тоа може да го стори, а во другиот случај сите оние лица кои што се опожарени, имаат можност да поднесат барање до Советот на Општина Куманово за добивање на финансиска помош при опожарување, потребно е да обезбедат потврда од територијална противпожарна единица за опожарување на нивниот дом и дополнително уредна потврда од МВР и со истата да ја комплетираат документација и да ја достават до Советот на општината” – информираше градоначалникот Димитриевски.