Министерот за финансии Фатмир Бесими денес се сретна со потпретседателот на ЕБОР Јурген Ригтеринк. Беше разговарано за реализација на тековните проекти, за динамиката на нивната изведба, за инвестиции во нови проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката и екологијата.
ЕБОР ќе ја продолжи соработката со земјава за подготовката и реализацијата на приоритетните проекти кои се дел од економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан.
Со финансиска поддршка од ЕБОР ќе се градат: делницата Скопје-Блаце, автопатската делница Кичево-Гостивар, железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија, во делот енергетика – магистралниот гасовод Гостивар-Кичево и делницата Свети Николе-Велес, изградба на интерконективниот гасовод со Грција, 400 киловолтна интерконекција Битола-Елбасан со Албанија, проекти во Скопје за брз автобуски превоз и пречистителна станица на отпадни води.
Од клучно значење ќе биде и вклучување на ЕБОР во реализација на проектот за управување со цврст отпад во пет региони во земјава кој е во процес на подготовка од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра во периодот од 2021 до 2025 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат и повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа ќе се забрза растот на БДП и отворањето нови работни места.