СЕ ПОВЕДУВА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ЗА ОБВИНИТЕЛКИТЕ РУСКОВСКА, ТРАЈЧЕВА И ЈОСИФОВСКА ЗА УПАДОТ ВО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА

0
407

Од Обвинителството информираат дека е донесена одлука за поведување на дисциплинска постапка против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. -Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција донесе Решение со кои се поведува дисциплинска постапка против поранешен основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и уште две обвинителки од тоа обвинителство.

Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство, информираат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека против ова решение на Комисијата не е дозволена жалба. -Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе биде повикан подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог, додаваат од Обвинителството. Дисциплинската постапка против трите обвинителки е поведена за постапувањето во случајот поврзан со претресот во Управата за финансиска полиција.