ПРИЛЕПСКИОТ АДВОКАТ, ЖАРЕ СТЕВАНОСКИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ЈА ОБЈАВИ СВОЈАТА НЕЗАВИСНА КАНДИДАТУРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

0
1420

До моите сограѓани,

Потекнувам од генерација која носи бледи спомени од претходниот и сосема свежи спомени од сегашниот систем на вредности. Во своето семејство, кај роднините, во кругот на пријателите и познаниците, имав можност да ја согледам разликата во можностите кај луѓето да си дозволат насмевка од задоволството да работат, живеат и творат во овој град.

За жал, низ годините што минуваа не можев а да не согледам дека луѓето беа приморани да ги потиснуваат своите хумани вредности во меѓусебните релации, гледав како постепено стануваат затворени, скромни, исплашени. Низ годините станавме покорни на партиите, идеологиите станаа параван во остварување на личните интереси, борбата за превласт од нас создаде војници преку кои единките се богатеа на штета на сите останати, интересот стана префикс за човечност а партиската припадност, можност за успех во животот.

Никогаш не ги правдав грешките на едните, ниту пак ги оспорував успесите на другите, поради сите нив, сега сите ние живееме со заклучокот дека „сите се исти„.
Никогаш не се помирив со фактот дека тоа така мора да остане. Дека едните „мора„ да се добри ако изградиле паркчиња платени како за стадиони, дека направиле фонтани кои чинат како да од нив треба да тече млеко, дека во странските капацитети се заработува плата колку еднонеделен бакшиш на келнер од соседството, дека асвалтот мора да има едногодишен рок на траење, дека во 30 години не можеле да рестартираат ниту еден погон од оние за кои меѓусебно се обвинуваат дека ги затвориле, дека просветни работници, државни службеници и обични работници мора да се мобилизираат во улога на партиски глоасноговорници, дека не можеме да се напиеме кафе ако не сме партиски истомисленици, дека критиката мора да се санкционира со лична освета, дека градоначалникот мора да ги присвои заслугите за личните успесите на се што се случува во градот, дека наместо советници имаме ефтини платеници „ЗА„ аминување на штетни политики.

Доста е, никогаш да не се повтори.

Јас го гледам и го знам лицето и опачината на овој град, го чувствувам пулсот на Вашиот порив конечно да дочекате правда за себе и другите, да добиете мотив за подобро утре, да погледнете кон својот потенцијал и да бидете уверени дека токму тука соодветно ќе биде валоризиран Вашиот труд, да ја изградите тука Вашата и иднината на Вашите деца, да се чувствувате еднакво корисни и важни во остварување на заедничките цели.

Искрено верувам, дека во секој од Вас има доволно сила, доволно љубов и енергија за овој град, доволно почит и разбирање за секој, доволно искуство и знаење за напредок. Доволно сила за победа. Победа каква што му доликува на овој град. Затоа, да се сплотиме сите заедно и како никогаш досега поддржувајќи се да покажеме дека во овој град има место за сите. Дека Прилеп е на сите нас и дека сите ние заедно ќе ја изградиме идната приказна за градот.

Ако успееме во ова ќе успееме сите, ќе успее Прилеп.

Фејсбук статус на адвокатот Жаре Стеваноски.