ШУТАРОВ : АРСОВСКА ДА ГИ ПРЕНАМЕНИ 670 ИЛЈАДИ ЕВРА, НАМЕСТО ЗА ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА НА ГРАЃАНИТЕ

0
750

Прес-конференција, Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје

Почитувани граѓани,

Додека градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска се жали дека Градот нема пари и се заканува со радикализација, таа годинава ќе потроши 670.000 евра за нови вработувања во Градот Скопје.

Тоа е неодговорно, несовесно и нечесно однесување кон Скопјани, особено во време на глобална економска и енергетска криза.

Апелираме Арсовска да покаже минимум одговорност и овие средства да ги пренамени за помош на граѓаните или за реализација на важни проекти за Скопје.

670.000 евра се сериозна сума на средства.

Овие пари можат да се искористат за Фондот за семејства во социјален ризик, кој минатата година изнесуваше околу 50.000 евра а годинава се сведе на нула денари.

Парите наместо за вработувања на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ можат да се искористат за решавање на сообраќајниот хаос кај Мавровка преку денивелација на крстосницата, проект кој Арсовска го наведе како приоритетен.

Понатаму, парите можат да се искористат за продолжување на бесплатниот оброк за лицата во социјален ризик, но и за субвенционирање на бесплатен превоз за средношколците од приватните средни училишта бидејки тоа им го вети предизборно.

Со овие пари може да им се помогне на приватните превозници за набавка на еко автобуси или за субвенции за такси возачите за набавка на електромобили.

Парите можат да се пренаменат и за уредување на нови зелени површини, маалски скверови на местата на поранешни диви депонии, за реконструкција на улици и велосипедски патеки,како и за зголемување на субвенциите за набавка на велосипеди и електрични скутери со што ќе се стимулира алтернативниот превоз на Скопјани во услови на тешка економска и енергетска криза.

Но очигледно за Данела и ВМРО ДПМНЕ поважно е да се реализираат стотина нови вработувања отколку да им се помогне на граѓаните или пак да реализира некаков проект.

Ваквиот однос, неработењето незаинтересираноста за проблемите и тешката криза во која се наоѓаме, ја прави Арсовска најнеуспешен градоначалник на Скопје кој работи против интересите на градот и неговите жители.

Ви благодарам.