ФАКОВА ОД ФОКУС : КАКО ШВЕРЦЕРОТ БОРО МАРЛБОРО ОД НОВО СЕЛО ГО „СМЕСТИ“ СТРУМИЧКИОТ СУДИЈА НАКЕ ГЕОРГИЕВ ВО ШУТКА ДЕНТА КОГА СЕ СПОГОДИЛ ЗА ЗАТВОРСКА КАЗНА?!

0
249

Врховниот судија Наке Георгиев заврши во притвор, а членот на Советот на јавни обвинители, недопирливиот Иџет Мемети, се спаси од Шутка, но не и од мерки за претпазливост. Двајцата ги „смести“ поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Марлборо, кој, пак, беше фатен во шверц на марихуана. Иако и двајцата ги следеа низа контроверзии, досега ниту една институција не им најде дамка во нивната работа. Фатени беа по смената на власта, со приказна од институциите, која има многу „дупки“ и нeма одговор на многу прашања 

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Боро Стојчев, поранешниот градоначалник на Ново Село, познат во јавноста како Боро Марлборо, се наоѓа во притвор во Шутка осомничен за шверц со марихуана.

Но, од таму успеа да го смести во притворското одделение врховниот судија Наке Георгиев, кој за сума од 10 илјади евра му ветил на неговиот син дека ќе им заврши работа Стојчев да се спогоди со обвинителот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција што го водел случајот за шверцот со марихуана.

Стојчев признал вина и се спогодил со обвинителството што го водел случајот да одлежи пет години и три месеци затвор, а на денот кога бил пријавен случајот во полиција, Кривичниот суд ја прифатил спогодбата.

Од Кривичниот суд на прашање на „Фокус“ одговорија дека Стојчев и дел од другите обвинети во случајот „Чибук“ се спогодиле со Обвинителството, а Кривичниот суд им ја прифатил спогодбата.

Други детали од институциите не објавуваат. Верзијата на Обвинителството е дека на синот на Стојчев лажно му било ветувано дека ќе му ја намалат казната на неговиот татко, а сума на пари не се споменува.

Но, нема детали кога им била побарана сумата, дали пред да се случи спогодбата и кои се олеснителните околности што ги издејствувале ако Стојчев, сепак, добил затворска казна од над пет години. За кривичното дело за кое се товари Стојчев, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекуросори предвидена е казна затвор од најмалку пет години.

„Фокус“ испрати прашања кога Стојчев се спогодил со Обвинителството, но од оттаму не одговорија.

Другата верзија што ја дознаваме неофицијално е дека на судијата, всушност, му биле фрлени парите и дека токму синот на Стојчев постојано му се јавувал на судијата да помогне за случајот на неговиот татко.

Давањето на парите се случило истиот ден кога Кривичниот суд ја прифатил спогодбата и Стојчев добил над пет години затвор. Синот го пријавил случајот во полиција, а судијата, според официјалните органи, бил фатен како ги зема парите на самото место, во центарот на Скопје на паркингот на еден познат скопски хотел и веднаш бил уапсен.

Во случајот е вмешан и членот на Советот на јавни обвинители и поранешен правобранител Иџет Мемети, но засега за него нема докази за да се бара притвор.

Неофицијално, во неговиот дом и во канцеларијата во просториите на Советот на јавни обвинители, истражителите не нашле никакви докази. Тој бил како гаранција дека ќе влијае врз обвинителот за да издејствува олеснителни околности, но не бил на местото на примопредавање на парите.

Двајцата се гонат за кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

И оние што пријавиле и фатениот судија се од струмичкиот регион од каде што е и поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев. И двете семејства напредувале, едните во бизнисот, а другите во правосудството и им било прогледувано низ прсти за време на владеењето на СДСМ.

Но, по големата победа на ВМРО-ДПМНЕ, Георгиев заврши зад решетки, а мотивот зошто „Боро Марлборо“, кој беше кадар на СДСМ, го пријавил, се непознати за јавноста.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Извор : Фокус.МК